Симболот на Скопје и Скопјани, нивната Универзална сала, препознатлива по својата градба но и по настаните кои се одржуваа со децении, помина неколку годишна па дури и децениска голгота. Денеска од Министерството за култура и туризам, беше преставен проектот, по кој од октомври ќе почне, веќе без одлагање, сериозна реконструкција на објектот.
Новата Универзална сала ќе ја задржи препознатливата форма со цел зачувување на колективната меморија на скопјани, но ќе понуди целосно современ концепт , нова просторна акустика и современи техничко-технолошки системи стои во најавата за Салата, во чија реконструкција ќе бидат вложени 20 милиони евра.
“Старите“ Скопјани и оние кои младоста ја поминаа во оваа Сала, со нетрпение очекуваат повторно отворање на вратите на овој објект, кој велат дека ќе биде модерен и функционален, што ќе го врати значењето на оваа култна локација и ќе и даде нова енергија на културната сцена во Скопје.
Проектот предвидува нова сценска техника, ЛЕД-осветлување, аудио-видео и електрични инсталации, како и современи материјали во ентериерот и екстериерот. Исто така, ќе се применат енергетски ефикасни решенија и ново хортикултурно уредување на просторот околу салата.
Вака обновена, со добра културна политика на градот Скопје, ќе ја продолжи традицијата и би требало да биде она што беше, “центар и престиж на сите музички и културни збиднувања во регионот “.
Салата ќе има 1200, наместо претходните 1560 седишта, секако ќе има и други пропратни простории а она што е многу важно, да се размислува за паркинг просторот, кој би требало да биде, подземен под Салата, за да може публиката непречено да доаѓа на настаните.
Татјана Гогоска