По дождот, кој се уште врне, делови од дебарскиот поширок регион, забележани се првите снежни врнежи во повисоките населени места, како Лазарополе, Броштица, подрачјето на Горна Жупа, како и во селото Татар Елевци над градот.
На патните правци има помали, но, чести одрони од камен. Поради влажните коловози, но и можноста од поголеми одрони. Од управата з ајавни патишта, се препорачува внимателно возење особено на патниот правец , Дебар – Жировница (патен правец Дебар-Маврово), Дебар- Глобочица (патен правец Дебар-Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, потоа кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост-Центар Жупа или над 110 километри.
Од Здружението за промоција на македонски ски-центри „Ски Македонија“ на својот јутјуб-канал емитуваа утрово видео во живо од Попова Шапка и Маврово, каде што може да се види дека во овие ски-центри има снег.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за денеска најавуваат облачно и студено време со врнежи од дожд, кои на повеќе места ќе бидат пообилни, а на планините дождот ќе преминува во снег. Од УХМР велат дека и утре времето ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд. Под влијание на влажен и студен бран од север, на планините се очекува дождот да премине во снег, а поради натамошно спуштање на студен воздух, како што најавува УХМР, ќе има услови за снег и на некои од повисоките места.
Утрово најниска температура е измерена во Крушево, 4 Целзиусови степени, а во изминатите 24 часа најмногу дожд наврнал во Ѓуриште, 19 литри на квадратен метар.