Во Старата скопска чаршија, во Чифте амам, на 16 октомври во 20 часот ќе може да уживаме во ретроспективната изложба на Верица Ковачевска. Со оваа изложба Ковачевска одбележува 20 години од своето творештво.
Оваа изложба е осмислена и опфаќа осум мултимедијални инсталации и тоа – звук, видео, просторни поставки, цртежи и партиципативни формати.
Според зборовите на кураторот на изложбата д-р Ана Франговска, водата е поставена како централна метафора и наративна нишка низ изложбата – како знак на живот и обновување, но и на исчезнување, меморија и загуба. Делата отвораат прашања за архитектонското наследство, урбаните трансформации, колективното сеќавање и екологијата на просторот, испреплетувајќи ги личните наративи со општествените контексти.
Инаку, Ковачевска е добитничка на бројни награди, грантови и резиденции. Од 2023 година е докторанд на Универзитетот HafenCity (Хамбург), каде што работи на пресекот меѓу уметничкото истражување, попреченоста и јавниот простор.
Изложбата во Чифте амам ќе биде отворена до 11 ноември.