Денеска, по повод Денот на народното востание, во Собранието беше врачена државната награда „11 Октомври“. Оваа награда е највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и други дејности од јавен интерес.
Годинашни лауреати во областа на културата и уметноста се актерката Теута Ајдини-Јегени, хорската диригентка, професорката Летка Димовска-Полизова и продуцентот и промотор на македонската уметност, Иво Јанкоски.
Во областа на науката и образованието, наградата им беше доделена на машинскиот инженер, професор доктор Константин Димитров и на хемичарот, академик Глигор Јовановски.
Наградите ги врачи претседателот на Одборот за доделување на наградата, деканот на Медицинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Светозар Антовиќ. Тој кажа дека оваа награда не е само признание, туку и обврска.