Враќањето кон природата е враќање кон себе

Слушајте и видете што природата може да ве научи. Природата нè учи како да се однесуваме

Секој од нас, барем еднаш, си го поставил прашањето „како да ја откријам целта на моето постоење“? Одговорот на ова прашање лежи во самите нас.

Нашата мисија што ни е дадена уште при раѓање е да научиме да уживаме во совршеното создание наречено живот. Дадени ни се тело и сетила што ни го олеснуваат согледувањето на светот околу нас. Ние сме моќни суштества, кои на овој свет се „дојдени“ со одредена цел. И сè што постои на Земјата и служи на својата цел.
Човекот е создаден како нераскинлив дел од природата, но тој денес е подалеку од природата од било кога во минатото.

Можеби нашата цел е да пронајдеме начин како повторно да живееме во хармонија со природата. Ако е тоа, тогаш, најверојатно најдобар начин е да се набљудува природата, таа има многу да понуди и уште повеќе да нè научи.

Луѓето честопати мислат дека природата е тука за да ни служи и само нам да ни користи, па најчесто забораваат дека ние сме само еден мал дел од поголем систем.
Кога се обидувате да живеете во хармонија со природата, прво за момент застанете, научете да слушате и немо да набљудувате. Е дури тогаш ќе ја сфатите целата слика, каков благослов е да се биде дел од божествена креација која беспрекорно функционира и без учество на човекот.

Слушајте и видете што природата може да ве научи. Природата нè учи како да се однесуваме. На пример, забележете како нема брзање во природата – сè се движи со свое темпо и во свое време. Постојат многу лекции за однесување што можеме да ги научиме набљудувајќи ги природните процеси на Земјата – само треба да слушаме.

Враќајќи се кон природата, почнуваме да ја чувствуваме и да воспоставуваме контакт со неа. Кога ќе го направиме тоа, можеме да кажеме дека сме го започнале процесот на хармонизација. Престојот во природата е најдобриот начин да се воспостави контакт со неа. Тоа ни помага да се поврземе со 5-те елементи на природата: вода, земја, оган, воздух и етер.

Ние сме тревата што ја чувствуваме под нашите нозе, дождот на нашите дланки, лисјата што паѓаат на нашите рамена, ветерот што си игра со нашата коса, сонцето што свети на нашето лице, земјата под нашите нозе.

Ние сме природата!

Многу пати науката докажала дека престојувањето во природа го чува здравјето и придонесува за подолг животен век. Една таква студија е спроведена од Европскиот институт за политика на животната средина, и тие утврдиле, дека живеењето во природа може да го намали ризикот од предвремена смрт, срцев удар, дебелина и одредени воспалителни заболувања.

Внатрешната дисхармонија е коренот на сите несогласувања. Таа ја нарушува хармонијата во семејството, општеството и хармонијата во однос на природата. И човечкото тело е составено од пет елементи – земја, вода, оган, воздух и етер. Кога хармонијата меѓу овие елементи е нарушена, се развиваат болести. Голем процент од болестите се психосоматски – тие се предизвикани или влошени од ментални фактори како што е стресот. Природата е манифестација на човечката природа, па затоа нашата дисхармонија влијае и на неа.

Сè поголем број студии укажуваат на неверојатно позитивните ефекти од престојот во природа и врз физичкото и врз менталното здравје.
Затоа, не е изненадувачки што сè поголем број луѓе денес го напуштаат стресот од градот и монотоните канцелариски работи и одат да живеат на село, каде што во директен контакт со природата и без непотребните направи на модерната цивилизација се откриваат себеси повторно и ја откриваат целта на сопственото постоење.

Некои дури одлучуваат да преземат подрастични чекори и да изберат живот во целосна осаменост и недопрена природа, далеку од своите соседи.
Иако овие луѓе живеат минималистички и скромно и честопати мора да извршуваат тешка физичка работа за да преживеат во „суровите“ услови на природата, она што го добиваат за возврат во форма на благодарност и ненарушен мир што го чувствуваат во длабочините на своето битие е од непроценлива вредност за нив.

Да не заборавиме дека човекот потекнува од природата и дека со неа формира неделива целина. Денот кога почнал да се дистанцира од неа и кога таа станала место за него кое што морал да го „освои“, или да го отстрани својот отпад, се изгубил себеси и ја затемнил смислата на сопственото постоење.

Во природата, постои само еден, но моќен момент – сегашноста. Само преку неа можеме да се поврземе со нашето вистинско битие, со тоа што бевме пред да дојдеме на овој свет и со тоа што ќе бидеме откако ќе го напуштиме.

Мартин Матас

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.