На 18 октомври, во Драмскиот театар во Скопје, премиерно ќе биде изведена претставата на „Куршуми над Бродвеј“, работена по текст на Вуди Ален и Даглас Мекграт, во режија на Ненад Витанов.
„Ова е претстава за непринципиелната коалиција меѓу мафијата и уметноста. На сцената се судруваат световите на актерите, авторите, режисерите и гангстерите – секој со своја вистина, секој со своја цена. Оваа претстава е театарски манифест. Манифест на театарот како храм и пазар, како сон и компромис, како место каде што секоја реплика е куршум – способен да погоди срце, да уништи или да спаси“, истакна Витанов.
Во претставата ќе имаме можност да видиме 15 наши истакнати актери, 13 од Драмскиот театар и двајца студенти од Факултетот за драмски уметности (ФДУ), Игор Стојчевски, Јована Спасиќ, Сашо Тасевски, Јелена Жугиќ, Александра Павлова-Бубања, Роберт Вељановски, Александар Степанулески, Предраг Павловски, Калина Наумовска, Златко Митрески, Дениз Абдула, Ања Митиќ, Игор Георгиев, Мартин Мазнев и Енис Билаловиќ.
Покрај драматизацијата на Витанов, сценографијата ја подготви Валентин Светозарев. За костимите се истакна Елена Вангеловска, а за сценските движења со актерите работеше Маја Каревски.
Репризното издание на „Куршуми над Бродвеј“ е на 22 октомври, а трета изведба ќе биде на 27 октомври на фестивалот на Регионалната унија на театрите РУТА, што годинава ќе се одржи од 25 до 31 октомври во Драмски театар Скопје.

































