Во Кинотека во Скопје, од 20 до 24 октомври ќе се одржи 16. издание на ЕХО – Фестивал на планински филм, единствениот настан во земјава што ја слави планината преку уметноста на филмот.
Оваа годинава, фестивалот ја има во центар поврзаноста меѓу човекот и природата, преку внимателно селектирана програма на документарни и авторски филмови од целиот свет.
Отворањето е резервирано за полскиот филм „Последната експедиција“ (The Last Expedition) на режисерката Елиза Кубарска – инспиративна приказна за жените-алпинистки кои тргнуваат по трагите на изгубените хероини од Хималаите. Публиката ќе има можност да ги погледне и филмовите „Девојка качувач“ (The Girl Climber) и „After Antarctica“ на оваа прва вечер.
Инаку, посебен дел од програмата е посветен на еколошките филмови кои се селектирани целосно во соработка со МАКЕДОНСКОТО ЕКОЛОШКО ДРУШТВО – МЕД, долгорочен партнер на ЕХО, кои ги истражуваат последиците од климатските промени и човековото влијание врз природата. Меѓу нив се издвојуваат „Lupi Nostri (Our Wolves)“ – трогателна приказна за враќањето на волците во италијанските Апенини; „Treego of Life“ – визуелно патување низ симбиозата меѓу дрвјата и човештвото; и „WAO Zone“, кој преку планински авантури ја истражува границата меѓу природното и урбаното.
Во „Martha“ и „Plastic People“ авторите поставуваат прашања за односот кон отпадот и одржливоста, додека „Climate Art – From Protest to Utopia“ го прикажува уметничкиот отпор кон еколошките катастрофи. Ледените контрасти пристигнуваат со „Antarctica – Domain One“ и „Living Ice“, филмови што откриваат како се менува најсуровиот континент на Земјата. Програмата ја заокружуваат „Mont-Blanc Éternel?“ – поетска опсервација за топењето на глечерите во Алпите, и „Pot of Gold“ – документарец што трага по вистинската вредност во свет на материјална преизобилност.
Покрај филмската програма, ЕХО 2025 ќе понуди и предавања и презентации со врвни планинари, режисери и уметници од регионот и Европа.
Ќе настапи и Филип Бабич, еден од најпознатите полски алпинисти, кој ќе сподели лични искуства од своите искачувања и етичкиот пристап кон планината. Филип Бабич е познат меѓу меѓународната алпинистичка сцена по неколку импресивни рекорди и подвизи кои ја покажуваат неговата вештина, храброст и етичкиот пристап кон природата. Тој го искачи Grand Capucin solo, без јаже и поддршка, за само 49 минути – насока од 570 метри која обично се искачува за околу осум часа.
Публиката ќе има можност да присуствува и на македонски презентации – од искуства на локални планинари и документаристи, до разговори за еколошки иницијативи и развој на outdoor културата во земјава.
Во текот на фестивалот ќе се одржат и детски работилници посветени на креативноста, природата и екологијата, со локација во Europe House Skopje. Деталите за нивната програма се достапни на социјалните мрежи и официјалната веб-страница на фестивалот.
Во рамките на фестивалот ќе бидат промовирани и две значајни изданија на фестивалот како издавач: „Ванда — приказна за силата на животот и на смртта“ од Ана Каминска – која ја открива животната приказна на легендарната алпинистка Ванда Руткевич, и ремек-делото „Ѕвезди и бури“ (Starlight and Storm) од Гастон Ребуфа, првично објавено во 1954 година, кое нуди интимен увид во неговите искачувања, борбата со стихиите и страста кон височините.