Во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, од 23 до 25 октомври, ќе се одржи јубилејното 40-то издание на фестивалот „Макфест“.
Планирани се три вечери исполнети со емоции, носталгија и нови звуци. Првата вечер е посветена на дебитантите, каде ќе настапат 13 нови изведувачи кои ќе се претстават со оригинални композиции. Втората вечер ќе донесе 14 афирмирани музичари и автори со свои нови песни, додека третата вечер ќе биде ретроспектива на најголемите хитови од минатите децении на Макфест, изведени во ново, современо аранжманско руво.
Фестивалот ќе биде придружен од жив оркестар од 20 музичари, што ќе ја збогати атмосферата и ќе го врати препознатливиот шарм на старите фестивалски изведби. Наместо класичен натпревар со победници, оваа година ќе се избира „најслушаната песна“, што го става акцентот на публиката и нејзиниот вкус.
За овие четири децении, Макфест стана и останува симбол на македонската поп и забавна сцена, место каде што своите први чекори ги направија многу познати пејачи и композитори.