Од 05 ноември во 07 ноември 2025 година, во Македонскиот КИЦ во Загреб, Хрватска, ќе се одржи првото издание на Фестивалот на современа македонска книжевност кое е дел од Годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб, а поддржан од Министерството за култура и туризам.
Фестивалот на современа македонска книжевност ќе опфаќа повеќе активности (промоции на книги, изложба, портрети на писатели и трибина) и ќе трае три дена.
Македонскиот КИЦ во Загреб, во рамките на својата Годишна програма, а во соработка со реномираната македонска издавачка куќа ,,Македоника литера“ од Скопје, од оваа година востановува книжевен фестивал кој треба да придонесе за афирмација и за продлабочувањето на македонско-хрватските културни врски, а посебно на соработката на полето на книжевноста. Фестивалот ќе отвора нови можности за континуирано (годишно) претставување на современата македонска книжевност, македонската издавачка дејност, македонски писатели, издавачки куќи, како и на македонско-хрватските релации и за застапеноста на хрватските автори на македонски јазик и на македонските автори на хрватски јазик во издавачката дејност.
На првото издание на Фестивалот на современата македонска книжевност ќе учествуваат македонски и хрватски еминентни и реномирани автори, преведувачи, уредници и издавачи. Во рамките на годинашната фестивалска програма, на отворањето ќе биде поставена изложба на книги од хрватски автори преведени на македонски јазик, објавени од Друштвото за издавачка дејност ,,Македоника литера“, а која досега има публикувано близу 50 наслови од хрватската книжевност. Во присуство на авторите ќе бидат промовирани и книгите „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски и „Чувар на тајната“ од Ранко Младеноски кои неодамна беа публикувани на хрватски јазик.
Во наредните фестивалски денови ќе бидат претставени изданијата: К. Рацин: „Бели мугри“ – фототипно издание, македонското издание на книгата на акад. Горан Калоѓера: „Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943)“, книгата раскази „Ви раскажував ли?“ од проф. д-р Борјана Прошев-Оливер, а ќе се одржи и трибина на тема Македонско-хрватските културни врски низ призмата на книжевниот превод. За последната вечер на Фестивалот е предвидена средба со познатите и најчитаните хрватски писателки за деца Сања Пилиќ и Силвија Шесто и претставување на нивните книги „За мајките сè најдобро“ и „Ванда“, преведени на македонски јазик и неодамна публикувани од „Македоника литера“.

































