Вчеравечер, во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, беше отворена изложба на дела од 17. ликовната колонија „Марко Цепенков – Дрен 2025“, што Центарот ја реализираше во септември со поддршка на Министерството за култура.
Присутните гости ги поздрави директорката на центарот, Марија Попова-Јованоска, која посочи дека уметниците учесници на Центарот и на градот му оставија уметнички дела кои ќе сведочат за нивното убаво дружење, за размената на искуства и за творештвото. Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, пак, заблагодарувајќи им се на уметниците, кои оставија вредни дела, истакна дека Ликовната колонија „Дрен 2025“, е значаен културен настан за Прилеп.
„Колонијата е жив доказ дека нашиот град, кој отсекогаш бил расадник на сликарски, скулпторски визии и уметнички идеи, продолжува да биде носител на современите текови во уметноста на 21 век“ – истакна Стојаноски.
На изложбата презентирани се дела од 16 уметници – учесници на колонијата: Звјездана Јембрих, Јуре Кокеза и Злата Томљеновиќ од Хрватска, професорот Звонко Павличиќ од Црна Гора, Снежана Манасиќ од Србија, Стефан Анчевски, Васко Горѓиев, Дејан Макаријоски, Верче Николоска, Александар Џинго, Ферди Булут, Марјан Стојаноски, Златко Крстески, Емил Димоски, Слободан Милошевски и Бојана Тошевска од државата.
































