„Македоника литера“ неодамна го објави романот за млади „За мајките сè најдобро“ на познатата и најчитаната хрватска писателка за деца Сања Пилиќ. Ова е нејзиниот прв роман, првпат објавен во 1990 година, за кого ја доби книжевната награда „Григор Витез“ и долг период е задолжителна лектира во основното образование во Хрватска.
Овој роман зборува за проблемите на пишувањето, за техниката, ликовите, заплетот, но и за животот на писателот, за неговиот социјален и финансиски статус и за проблемот на усогласување на пишувањето како професија и за семејниот живот. Зборува за мајчинството, но од перспектива на мајка која чувствува дека прерано пораснала и дека нејзиниот „возрасен“ живот ѝ забранува многу работи за кои копнее. Тоа се некои детски желби и фантазии, но и време за себе и за сопствените интереси.
Романот зборува и за семејното секојдневие, за обичните мајчински проблеми, за готвењето ручек, детските игри и проблеми, брачните врски и пријателствата. Сепак, сè е раскажано од перспектива на мајката која, како и сите други, има свои индивидуални потреби, проблеми и соништа што се во спротивност со нејзиниот мајчински идентитет.
„За мајките сè најдобро“ нема силен заплет, што значи дека во преден план не се заплетите, интригите и општите настани, туку романот е многу „разигран“ и непредвидлив, но не толку поради настаните во него, колку поради начинот на кој е напишан. Писателката често си игра со зборови, како на пример во следните реченици: „Лицемерите не се мерачи на лицето…“, „Валдемар има полутетка. Затоа тој ја полуслуша“… Таа, исто така, измислува свои зборови, користи сленг изрази, си игра со поговорки, со правопис и пишување со големи букви, со графички приказ или со празниот простор на страницата.
Сања Пилиќ (1954) е автор на повеќе од седумдесет книги, меѓу кои сликовници, книги за деца и за млади и книги за возрасни. На списокот на задолжителни лектири за основните училишта во Хрватска има повеќе наслови, а повеќето од нив се публикувани по десетина изданија. Нејзини најпознати дела се: „Сè најдобро за мајките“, „Немам време“, „Трошки од дневната соба“, „Е, баш не ми е жал“, „Женски песни“, „Фактор за успех “, „Мала торба, голема слобода“ „Ми одиш на нерви!“, „Се гледаме на Фејсбук!“, „Баш сум хепи!“ и многу други.
Добитничка е на дваесетина награди и е номинирана за меѓународната награда „Ханс Кристијан Андерсен“ за 2024 година, како и за наградата АЛМА (Astrid Lindgren Memorial Award) за 2024 година.
Нејзини текстови се преведени на словенечки, англиски, германски, холандски, италијански и унгарски. Нејзини книги се преведени на словенечки, бугарски и албански јазик. „Баш сум хепи!“ е прва нејзина книга објавена на македонски јазик. Дипломирала на Факултетот за применета уметност, отсек фотографија. Работела како фотограф, снимател на кинематографски ефекти и сликар на сцени за цртани филмови. Живее и работи во Загреб.
            
		
































