„Златната пеперутка“ со Биби и Боби триумфира на МИА маркет во Рим-Признание од Европа за македонската анимација

Проектот за долгометражен анимиран филм „Златната пеперутка“, базиран на ликовите од популарната анимирана серија „Светот на Биби“, го освои престижното признание MIA Development Award for Outstanding Animation Project на филмскиот и телевизискиот маркет МИА маркет 2025 во Рим, кој се одржа од 6 до 10 октомври.

Наградата, во вредност од 5.000 евра, беше доделена на 10 октомври во силна меѓународна конкуренција, од страна на стручно жири составено од истакнати професионалци од европската и светската анимациска сцена. Ова признание претставува значаен успех за македонската анимација и потврда за креативниот потенцијал на домашните автори и студија.

Во образложението на жирито се наведува:

– Наградата МИА за развој на најдобар анимациски проект ја добива „Златната пеперутка“ на Гоце Цветановски затоа што ја прикажува моќта на оригиналниот бренд – „Светот на Биби“, да донесе свежи, регионално инспирирани приказни на светската анимациска сцена преку различни формати, и како охрабрување за понатамошен развој на визуелниот и анимацискиот стил.

МИА маркет претставува еден од водечките европски настани за филм, телевизија, анимација и документаристика, со повеќе од 2.800 акредитирани професионалци од 64 земји. Годинава, во рамките на 11. издание, беа пријавени над 500 проекти, од кои по околу 15 беа селектирани во секоја од четирите категории: анимација, филм, драма и документарен филм. Во категоријата анимација учествуваа седум долгометражни филма и девет серии.

„Златната пеперутка“ е еколошка авантура за целото семејство. Биби, Боби, Зази, Зина и роботчето Р1 патуваат во Колумбија кај нивниот пријател Пепе и неговото морско прасе Пико. Веселата дружина тргнува во потрага по ретката и мистериозна златна пеперутка, за која Пепе тврди дека ја видел во Амазонската Прашума. Нивната мисија ќе ги однесе до легендарниот златен град – Ел Дорадо. По патот ќе се соочат со многу предизвици и ќе мора да ги здружат своите сили за да ги совладаат темните сили што демнат во џунглата.

Сценариото e na  Бруно Велјановски и Гоце Цветановски, режијата е на Цветановски, арт-директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а илустрациите за презентацијата ги изработи Иванчо Николовски. Македонски продуценти се „Македонска крепост“, „Светот на Биби“ и „Тун моушн студиос“, во копродукција со „Блур сторис“ од Аргентина, „Блур рохо“ од Шпанија, Г7 од Колумбија и „Техноскоп филмс“ од Бразил.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.