Вчера вечер во Битола се одбележа доделувањето на највисокото признание на 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Францускиот кинематографер Дариус Конџи, ја доби наградата Златна камера 300 за животно дело, која му ја врачи министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Добитникот на годинашното признание има богата кариера соработувајќи со врвни режисери како Жан-Пјер Жене, Дејвид Финчер, Бернардо Бертолучи, Михаел Ханеке, Роман Полански, Дени Бојл, Нил Џордан, Сидни Полак, Вуди Ален, Џејмс Греј, Бонг Џун-хо, Вонг Кар-Ваи, Алехандро Гонсалес Ињариту, Ари Астер и браќата Сафди, создавајќи неповторливи филмски дела.
„Останав без зборови. Ви благодарам бескрајно. Среќен сум што сум во Битола да ја примам оваа прекрасна награда и сакам да и ја посветам на мојата сопруга Мариен за целата нејзина поддршка,“ рече Конџи на фестивалската свеченост.