Време е младите да се поврзат со културата!

Свесни сме дека подолго време културниот живот на младите не е на задоволително ниво. Сегашната ситуација е доста загрижувачка, особено затоа што знаеме дека може да има долгорочни последици.

Јасно е дека се соочуваме со големи предизвици кога станува збор за подобрување на положбата на младите како креатори и потрошувачи на културни содржини.
Проблемот е дотолку поголем кога знаеме дека денешната младина нема ниту навика, ниту желба да посетуваат културни настани. Исто така, недостасува охрабрување и потребна поддршка за вклучување во културата, за создавање нови и различни културни содржини.

А како младите го поминуваат слободното време и колку посетуваат културни настани?
Се чини дека тие се најзадоволни од спортски и рекреативни содржини, а многу малку од културната понуда, воедно и од можностите за т.н. неформално образование.
Податоци кои произлегуваат од некои истражувања, не само кај нас, туку и во целиот регион, особено се загрижувачки ако сме свесни колку е важна културата како фактор во животот на младите луѓе, во процесот на социјализација, развој на критичко размислување, слобода на изразување.

Културата за младите луѓе, особено за адолесцентите и тинејџерите е многу важна бидејќи им помага да се развиваат како линости.

Со вклучување во различни сфери на културни настани би било од голема помош да се пронајдат и дефинираат себеси, да се ослободат од стегите на современото општество и да можат слободно да ги изразат своите ставови.

Знаеме дека младите луѓе во себе поседуваат исклучителна креативност, талентираност и посветеност. Она што би требало да биде главна задача на нивните професори е да ги откријат нивните креативни потреби и да им помогнат да се вклучат во сите воннаставни активности.

Би било добро кога и државата со своите надлежни институции би имала посериозен пристап кон овој проблем, односно да им дадат соодветна поддршка на младите културни творци и да им овозможат, како потрошувачи на културата, соодветна содржина.

Мартин Матас

фотографија преземена од https://www.radiomof.mk/

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.