Од вечерва стартува „Скупифестивал“

 

Од вечерва до 4 октомври на сцената на Албанскиот театар во Скопје, под мотото „На крајот, секоја маска мора да падне”, ќе се одржи Меѓународниот театарски фестивал „Скупифестивал“ . Свеченото отворање ќе биде во 20 часот, со гостување на Националниот театар на Косово од Приштина, со претставата „Брак” од авторот Витолд Гомбрович, во режија на Норберт Раковски.

На вториот фестивалски ден, во истиот термин ќе ја видиме претставата „Тврдина” од Меша Селимовиќ во режија на Андреа Беналјо и во продукција на „Ателјеркунчеон“ од Бергамо, Италија.

„Жената на Макбет и јас 2.0” на авторот Мирел Кнез, кој исто и ја изведува претставата, а во режија на Ник Упер, продукција на Глобал театар, Љубљана, Словенија, ќе биде изведена на 1 октомври, во 19 часот. Во 20.30 часот ќе следува „Бес за двајца или повеќе” од Театар „Хера“, Истанбул, од Ежен Јонеско во режија на Сенем Џевхер.

На 2 октомври во 20 часот ќе гостува „Дон Жуан” од Жан Батист Молиер, во продукција на Народниот театар од Ниш, а во режија на Васил Василев.

На 3 октомври во 19 часот следува перформансот „X” од независниот театар „Јалта арт рум“ од Софија, на авторот и режисер Бојан Крачалов, а во интерпретација на Васил Дуев – Туиг.
Истата вечер во 20.30 часот гостува претставата „Медеа” од Еврипид од Народен театар „Иван Вазов” Софија, во режија на Деклан Донелан.

И во последниот ден на фестивалот, сабота во 20 часот претставата „Половина – Животот на Марија Кири” на Лаурен Гундерсон, а режија на Армела Демај.

За сите претстави е обезбеден превод на македонски јазик.

Жирито на 19. издание на фестивалот е во состав на Замира Кита, актерка од Албанија, Замира Кита, новинарката Сребра Ѓорѓијевска и актерот Адриан Азири.
„Скупифестивал“ е поддржан од Министерство за култура и туризам. Директор на фестивалот е Музбајдин Ќамили, претседател на уметничкиот совет Сенко Велинов, уметнички директор Осман Ахмети, членови се Куштрим Бектеши, Бетим Зекири, координатор Џанер Мусиќ, изработка на видеоматериали Бетим Зекири, додека за дизајнот на Скупифестивал се погрижи Eggra.

фотографија: mia.mk

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.