Шпанската полиција истражува можна кражба на мала слика од Пикасо вредна 600.000 евра, која исчезна на пат од Мадрид кон изложба во јужниот град Гранада.
Цртежот е работен со гваш и молив, Naturaleza muerta con guitarra (Мртва природа со гитара) и требало да биде изложен на нова изложба на фондацијата CajaGranada, која била отворена минатата недела. Но, сликата од 1919 година, со димензии 12,7 x 9,8 сантиметри, никогаш не стигнала до изложбата, објавува Гардијан.
Делото е во сопственост на приватен колекционер во шпанската престолнина и се очекувало да пристигне во пратка позајмени дела кои биле транспортирани со комбе од Мадрид на 3 октомври.
Фондацијата соопштува дека комбето пристигнало во 10 часот наутро тој ден, по што товарот бил истоварен и проверен. И покрај фактот дека некои од внимателно спакуваните дела не биле исправно етикетирани, што го отежнало спроведувањето на темелна проверка, пратката била примена и комбето и екипажот го напуштиле местото.
