На 76. Саем на книгата во Франкфурт, кој се одржува од 15 до 19 октомври, Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) годинава ја претставува современата македонска книжевност. Креативниот концепт на ова, петто претставување на македонската книжевност на најголемиот светски саем во областа на издаваштвото, се потпира на мотото „Читај во 7/8. Приказни со единствен ритам.“
Современата македонска книжевност на саемот ја промовира седумчлена делегација на МАИ. На најголемиот и најпрестижен книжевен саем, посочуваат од МАИ, нашите издавачи ја промовираат современата македонска книжевност преку бројни деловни средби, а на два настана учествува писателката за деца Билјана С. Црвенковска.
Да потсетиме дека Саемот на книгата во Франкфурт е најголема и најпосетена манифестација од овој тип во светот. Почесна земја гостин на годинашното, 76-то издание, е Филипини. На саемот ќе се одржат околу 4000 настани (промоции и панел-дискусии), ќе присуствуваат 10 000 новинари и 7500 претставници на делегации на изложувачите од над сто земји, а бројот на очекувани посетители е над 230 илјади.