50-ТА ИЗВЕДБА НА „ТОРОНТО ЕКСПРЕС“ ВО МНТ

На 22 октомври, во 20 часот, на малата сцена во Македонскиот народен театар ќе биде одиграна јубилејна 50-тата изведба на монодрамата „Торонто експрес“, работена според мотивите на збирката есеи „Тибам Штркот“ од Зоран Спасов-Ѕоф и во режија на Јордан Симонов. Во претставата игра Александар Микиќ.

„Торонто експрес“ е агенција за помош при емиграција во Канада, чија цел е да се убедат сите Македонци, колективно да се иселат во ветената земја.

Адаптацијата на текстот ја направија: Благоја Бошковски, Александар Микиќ и Јордан Симонов.

Александар Микиќ со специфичен актерски израз, прецизен хумор и суптилна чувствителност, остава силен и претпознатлив печат во претставата.

„Еден од најголемите предизвици за актерите е да играат во монодрама. Се осмелив сам да застанам на сцена и до сега 50 пати ја имам изведено „Торонто експрес“. Презадоволен сум од фактот дека успеавме да стигнеме до оваа бројка, што е доказ дека публиката феноменално реагира на претставата“, вели актерот Александар Микиќ.

Првпат, на ваков начин, споени се книга и претстава кои имаат многу допирни точки, но не се целосно исти, крајот во двата проекта е различен и нудат различно доживување.

Оваа феноменално духовита и извонредно напишана книга, зад хуморот крие тажна приказна.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.