Рецензија за новата книга за деца – Магичниот круг на детството “ од Татјана Гогоска

Деновиве од печат излезе новата книга за деца “Магичниот круг на детството “ од авторката Татјана Гогоска . За книгата, рецензија напиша   м-р Жаклина Мучева

РЕЦЕНЗИЈА

Пред да ги напишам моите видувања за книгата „Магичниот свет на детството“ од м-р Татјана Гогоска, морам да забележам, дека со финалниот ракопис што ми го даде бев малку изненадена, но и заинтересирана зошто двете временски различни приказни за Најденко и Силјан Штркот ги стави под еден наслов? Но, откако го прочитав воведот на авторот и ја прочитав и осознав целата публикација, ми стана јасно, дека Гогоска, како докажан автор за деца, направила голем литературен, исчекор овој пат не само во содржинскиот приказ туку целокупниот осмислен книжевен облик, кој ќе се најде пред најдобрата читателска публика-децата. Зошто велам најдобрата? Затоа што, никогаш децата под притисок не можете да ги натерате да прочитаат нешто што не е интересно, поучно и кое не им нуди некои нови авантури и сознанија.

Ќе почнам со делот заНајденко во магичниот круг “

„Најденко во магичниот круг “од м-р Татјана Гогоска е современа приказна за деца, во која ликот на детето Најденко односно Петар е оската, околу која се случуваат фантастичните случки обоени со изненадувања и исчекувања, а завршуваат среќно, свиени во семејната посакувана љубов. Измислувањето е секојдневно за децата и нивниот свет. Децата имаат насушна потреба да измислуваат, да се оддалечат од овој свет во кој многу желби не можат да им бидат исполнети, па затоа создаваат свој свет во кој преку играта (како Најденко), нивните желби се исполнуваат. Освен тоа, тука играта, има карактер на дидактичко и воспитно орудие, таа е трансмитер од нереалното во реалното. Сето ова мошне умешно е проткаено во делото на Гогоска која како искусен и разновиден создавач на литературно – уметнички дела за деца, знае до каде е вистинската граница на верување, фантазирање и враќање во реалноста.

За да го задржи вистински вниманието на детето, една приказна мора да го забавува и да ја поттикнува неговата љубопитност, таа мора да ја поттикне неговата фантазија и да ги објаснува своите чувства, мора да биде во согласност со неговите стравови и стремежи. Гогоска во тоа успева, давајќи му на детето Најденко моќ да ги контролира и управувува случувањата како што тоа замислило. Па така, во оваа приказна присутен е преминот меѓу стварното и нестварното, при што се нагласуваат определени случувања, како бегањето на книгите од собата, преобразувајќи ја нарацијата во необична авантура. Најденко патува во својот свет без обврски, ја нема наставничката и секојдневните задачи, но има многу непредвидливи случувања. Но најважно од сѐ е сознанието дека другарството и семејството се основните алки во синџирот – љубов кој се нижи во годините на живеењето. Ова сознание Најденко го добива како подарок од својата авантура низ сонот и јавето.

Приказната има свој утврден ред на дејствието, па сите активности и случувања водат кон среќен крај, а сето тоа се остварува низ една индивидуализирана, книжевно – стилизирана верзија. Ликовите и предмети од приказната се претставени „чисто“, со нивните особини и дејства, но сепак дејствуваат непредвидливо и „откачено“ во однос на реалниот свет на детето читател. Со тоа авторот Гогоска, постигнала извонредни естетско-уметнички резултати.

Умешноста на авторот со својата автентична приказна да создаде дело кое ќе ги потврди очекувањата и убедувањата на децата, со осет за одмерено развивање на дејствијата, со чист јазичен израз, прецизно вткаен во тематско-содржинското плато на приказната, „Најденко во магичниот круг“ чекори кон семејството приказни за деца кои се дел од македонската современа литература за деца.

А сега нешто и за Силјановиот магичен сон!

И во оваа приказна, Гогоска вешто игра со преминот меѓу стварното и нестварното, при што се нагласуваат определени случувања, преобразувајќи ја нарацијата во необична авантура. Овој пат Силјан го става во центарот на приказната, кој сака да побегне од својот свет, за да доживее една нова невообичаена авантура, каде повторно како мотив се обврските во секојдневниот живот, кои на Силјан му ги наметнале како многу млад и недораснат, согласно тогашните традиционални сфаќања и живот. И тука, после доживеаниот сон и сите искушенија, тој доаѓа до најважното сознание, а тоа е дека најубаво е во домот и со семејството кои се основните алки во синџирот – љубов, кој се нижи низ животот. Ова сознание и Силјан го добива како подарок од својата авантура и премин низ сонот и јавето.

Богатата, добро осмислена илустративна нишка, можноста на децата да ги обликуваат ликовите по свое видување и на тој начин книгата да стане само нивна персонализирана ѝ дава на книгата уште една димензија. Но, авторката Гогоска не застанала тука, отишла уште еден чекор понатаму,  па песните кои се содржински составен дел на приказните ги става во функција на музички предизвик и така целосно книгата добива една многу широка уметничка, но и образовна вредност.

Верувам дека децата на возраста за која е наменета од 6 до 11 години  ќе бидат среќни да ја имаат оваа книга „Магичниот круг на детството“ во своите библиотеки.

Рецензент

М-р Жаклина Мучева

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.