Започнува „Гола месечина“, театар под отворено небо во Аеродром

Општина Аеродром и оваа година ќе биде домаќин на еден од најомилените театарски настани во Скопје – 12-тото издание на Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“.

Од утре, 10 септември, па сè до сабота, 13 септември, паркот „Авионче“ ќе се претвори во сцена под отворено небо, нудејќи им на граѓаните четири вечери исполнети со врвни комедии од целиот регион, а присуствотот на сите претстави е бесплатен.

Фестивалот ќе биде отворен утревечер (среда, 10 септември) во 20:00 часот со претставата „Брачно советување“ на Градското позориште „Јазавац“ од Бања Лука, Босна и Херцеговина, во режија на Жељко Стјепановиќ.

Во четврток, 11 септември, на репертоарот е домашната претстава „За нас почнува живот“, во режија на Дејан Пројковски и во продукција на здружението МАНА од Скопје, со Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Нино Леви во главните улоги.

Петок, 12 септември, е резервиран за гостите од Србија. Театарот „Сцена Маска“ од Шабац ќе ја изведе претставата „Вонбрачна комедија“, под режисерската палка на Иван Томашевиќ.

Последната фестивалска вечер, во сабота, 13 септември, публиката ќе може да ја погледне претставата „Ива и Глорија“ на хрватскиот театар „Керекеш“ од Вараждин. Веднаш по претставата, како дел од придружната програма, ќе следува стендап-настап на Бојан Велевски.

Фестивалот „Гола месечина“ е многу повеќе од само серија на претстави. Тој е доказ за моќта на културата да го обедини соседството и да создаде чувство на заедница. Со тоа што се одржува во јавен парк, со бесплатен влез, тој ги руши бариерите и го прави театарот достапен за сите, без разлика на возраста или социјалниот статус.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.