Михаил Ренџoв (25.08.1936, Штип- 8.10.2024 Скопје) е поет, прозаист и преведувач.
Поет, прозаист и преведувач. Завршил Правен факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје како советник по библиотекарство. Член е на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија.
Творештво
Иселеник на огинот, (поезија, 1965)
Ноќно растење на зборот, (поезија, 1967)
Каде од оваа страна, (поезија, 1968)
На работ од сонот, (поезија, 1972)
Страв, (поезија, 1976)
Полноќ, (поезија, 1979)
Нерези, (поезија, 1982)
Аутодафе, (поезија, 1985)
Феникс, (поезија, сонети, 1987)
Земја. Потоп, (поезија, 1991)
Сонување патување, (книга за деца, 1991)
Тој, (лирска поема, 1993)
Шпил, (поезија, 1994)
Вечната бесконечната, (поезија, 1996)
Јас оксиморон, (поезија, 1998)
Ангела сонува, (поезија за деца, 1998)
Псалми, (поезија, 2000)
Апокалипса, (драмска поема, 2002)
Раскази за Захариј, (раскази, 2004)
Сонети (поезија, 2010)
Зраци (поезија, 2023)
Препеви
Гилгамеш, асиро-вавилонски еп (3 изданија: 1994, 1997, 2000).
Тиранија на сонот од Каролина Илика
Мудрости и горчини од Дритеро Аголи
Награди
1964 Награда на СВП за необјавена песна Архивирано на 14 септември 2016 година
1966 ноемвриска награда на градот Штип за книгата „Иселеник на огнот“
1982 Награда Браќа Миладиновци на СВП за книгата Нерези
1982 Награда „11 октомври“ за книгата Нерези
1993 Григор Прличев (награда за поема) за “Тој”
1997 Grand prix international – Romania
1998 Златно перо, за препевот на книгата „Мудрости и горчини“ од Дритеро Аголи
1999 Ацо Шопов (награда), за “Јас Оксиморон”
2000 Македонска номинација за наградата Балканика
2004 Рациново признание, за Раскази за Захариј
2007 Фондација Рамковски
2009 Григор Прличев (награда за поема) за “Предвесница”
Григор Прличев (награда за препев) за препевот на книгата Тиранија на сонот од Каролина Илика
„Михаил Ренџов е добитник и на “Рациновото признание“.
Со оглед на тоа дека неговата мошне значајна книга “Псалми” е објавена во милениумската, 2000-та година, укажуваме почит кон делото и го нарекуваме и Поет на милениумот.
Михаил Ренџов:
Одиме за рака фатени
Одиме
за рака фатени:
Ангелот и планината
Славејот и тишината
Душата и темнината
Одиме за рака фатени.
Одиме
за срце фатени:
Ѕверката и планината
Кобецот и тишината
Црвот и темнината
Одиме
За срце фатени.
Различности
Постои различност меѓу дрвјето:
Дрво со седало.
И дрво без седало.
Во седалото се испилува радоста
И влегува во нас
Другото постои заради различност.
Постои разлика меѓу тревите:
Трева со бубалка
И трева без бубалка.
Бубалката брмчи
И ни го населува увото
Другото постои заради различност.
Постои различност меѓу луѓето:
Постои човек со тага
Постои човек без неа.
Човекот без тага си ти
А оној со тага сум јас
а постојам само заради
Различност.
Псалм за непостојниот
Боли тоа што не постојам
Длабоко боли тоа што не постојам
Боли главата што ја немам
Боли болката во таа глава
Боли окото во таа глава што не постои
Боли пустелијата околу таа глава
Боли единствениот патник
Кој потајно минува низ таа глава
Кој запален доаѓа да ми соопшти
Оти јас сосема не постојам
Оти длабоко боли тоа што не постојам.
Страв
Ветрот ми го пожолте дрвото
Срцето ми е темно.
Нели вие ме гоневте до полноќ?
Скокаат славеи над мојата куќа
Стравот ми е бршлен на ѕидот
Пожар во полноќна галија
Го слушате ли гласот
Во тајната соба на срцето?
Ноќта е златен облак
Вие ѕвезди што ми покажувате
Лажен пат.
Славеите на небо се убиваат.
Раѓање
неопфатна
совршена
светлина –
се роди мојот брат.
неопфатна
совршена
светлина
се роди мојата сестра.
неопфатна
совршена
темнина –
се родив јас.
и така…
по две совршени живеачки
премина мојата сестра
а потоа мојот брат.
а јас?
ќе прашате
преминав во миг
на совршена светлина
начната од мисла една:
И мртов
ова да ви го
соопштам.
Блиска е ноќта во која ќе отпочинам
Блиска е ноќта во која ќе отпочинам
Блиска е белата роза што ќе ми ја објасни
Тајноста на облаците
Модрината на моите луди патувања
Изворот на мојата неверна душа…
Ќе умеам ли да им ја вратам
Песната на птиците, гулабот на старите писма
Тагата во темното око на киклопите.
Ќе умеам ли да си го објаснам срцето
Рането со илјада месечини и ѕвезди.
Блиска е ноќта во која ќе отпочинам
Блиска е таа модроока тажалка
Што ми ги ткае тајните на патот
Во ленена постелка
За ковчегот.
Влегување во Ерусалим
(Фреска)
Стоиме: тој пресветол
Јас темен. Одеднаш:
Водите се отворија,
Дверите се затворија,
Од душата тогаш
Пркнаа славеи
И исчезнаа зад ѕидиштата.
Значи: влегов во Ерусалим?
Не, не влегов јас
Оттаму ме изнесоа.


































