Денови на словенечкиот филм

Од 9 до 11 октомври 2025 година, македонската публика ќе има можност да ги погледне три понови словенечки филмови на Деновите на словенечки филм во Кинотека.

Фестивалот ќе биде отворен во четврток, на 9 октомври, со долгометражниот филм „Спасение за почетници“ (2024), во режија и сценарио на Соња Просенц. Филмот на хумористичен и трагикомичен начин ги истражува современите општествени прашања, во реимагинација на „Теорема“ од Пјер Паоло Пазолини.

Соња Просенц со својот дебитантски филм „Дрвото“ (2014)има гостувано на повеќе од 50 филмски фестивали низ светот. Нејзиниот втор долгометражен филм „Историја на љубовта“ (2018) доби специјално признание од жирито во Карлови Вари, со што таа стана првата словенечка режисерка наградена во главната програма на фестивал од А категорија. „Спасение за почетници“ имаше светска премиера на фестивалот во Трајбека.

Филмот е копродукција меѓу Словенија, Италија, Норвешка и Србија, а е поддржан од Словенечкиот филмски центар, Виба филм и РТВ Словенија. Продуцент е MonoO.
Во петок, 10 октомври, ќе биде прикажан младинскиот хит „Игралиштето не го даваме!“ (2024), во режија на Клемен Дворник.

„Со филмот сакам да им ја приближам на децата убавината на играта на отворено и дружбата со врсници, и да им пратам порака дека никогаш не треба да се откажуваат – заедно можеме да направиме промени и да градиме подобра иднина,“ вели режисерот.

Филмот е создаден во продукција на A Atalanta, во копродукција меѓу Словенија, Србија, Хрватска и Чешка, со поддршка од РТВ Словенија.

„Игралиштето не го даваме!“ имаше премиера на фестивалот во Локарно и освои 12 награди, вклучувајќи ја и Златната ролна во Словенија, бидејќи филмот го гледале над 25.000 гледачи.

Завршната вечер, сабота, 11 октомври, е резервирана за најновиот документарен филм „Планината не оди никаде“ (2025), во режија на Петра Селишкар. Филмот премиерно беше прикажан во август во Скопје, на фестивалот Македокс, токму во периодот коха и се прикажуваше и во словенечките кина. Досега има освоено две меѓународни награди.

Петра Селишкар е режисерка, сценаристка и продуцентка. Во 2003 година ја основа продукциската куќа Petra Pan Film, специјализирана за креативни документарци. Таа ги режираше и филмовите: „Бабите на револуцијата“ (2006), „Мама Европа“ (2013), „Мојот наопаку свет“ (2016) и „Телото“ (2023).

„Планината не оди никаде“ имаше светска премиера на фестивалот Visions du Réel во швајцарскиот град Нијон. Филмот е копродукција меѓу Словенија, Франција и Македонија.

преземено од: makfax.com.mk/

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.