Драмски театар -„Провинцијалските плејбои…“ во Скопје

На 23 октомври во 20 часот, на театарската сцена во Драмски, публиката ќе има можност да ја проследи претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или туѓото го сакаме – своето не го даваме“, во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградското драмско позориште, Градскиот театар од Љубљана и продукцијата на „Град театар“ од Будва.

Во копродукциската претставата играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.

„Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или туѓото го сакаме – своето не го даваме“ е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте. „Плејбоите…“ се напишани во 1972 година, а првпат се изведени во Градскиот театар во Љубљана една година подоцна. Напишани се во периодот на исклучително бурни меѓународни и регионални историски движења, во духот на „Сексуалната револуција“ и „Пролетта од 1968 година“, како и под влијание на околностите во тогашна Југославија на кои реагираа уметниците од најмладата генерација. Во нивните дела е присутен таканаречениот лудизам – специфичен одговор на „тешките теми“ што ги отвори повоената генерација на млади луѓе. Лудизмот се карактеризира со целосно отсуство на каква било потрага по смисла, одговори или решенија за егзистенцијалните тешкотии; тој повеќе ги прифаќа работите такви какви што се и, наместо да бара излез во конкретните околности, дозволува настаните да се одвиваат низ „опуштена игра“. Сето ова важи и за „Плејбоите…“. Денес, половина век по 1968, суетата и бесцелноста остануваат актуелни, а им се придружува и трката по материјалниот статус, но и егзистенцијалниот страв“,  стои во режисерското сиже за претставата .

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.