Драмски театар Скопје со претставата „Ифигенија за ништо“ триумфираше на 22. издание на интернационалниот фестивал на античка драма ИФАД „Стоби 2025“ со три награди: за најдобра претстава, за режија и за женска улога. Одлуката едногласно беше донесена од жирито во состав Јордан Витанов, Кристина Атанасова-Арсова и Фаик Мефаилоски.
Жири-комисијата во своето образложение истакна дека претставата „Ифигенија за ништо“ се издвојува со силна концептуална визија, која ја претвора античката трагедија во современ политички и егзистенцијален коментар.
Награда доби и режисерот на претставата, Филип Петковски, со образложение дека тој создава моќен визуелен и звучен универзум во кој трагедијата се движи меѓу древното и модерното.
„ Неговата режија е суптилна, но впечатлива – вешто балансира меѓу симболиката и човечката драма, овозможувајќи им на актерите и публиката да доживеат вистинска катарза “ стои во одлуката.
Наградата за најдобра женска улога, пак, ѝ е доделена на првенката на Драмски театар Скопје, Јелена Жугиќ, за улогата на Клитемнестра во претставата „Ифигенија за ништо“.
„Нејзината изведба е пример за актерска посветеност и за сценска присутност што го држи вниманието до последниот миг “, истакна жирито.
На фестивалот „Стоби 2025“, наградата за најдобра машка улога ја доби Марко Трајковиќ, за насловната улога во претставата „Калигула“ на Кумановскиот театар.


































