Фестивал „Борини позоришни дани“ – МНТ со „Народен пратеник“ ја освои главната награда

Главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на 45. фестивал „Борини позоришни дани“ во Врање, Србија, беше прогласена претставата „Народен пратеник“, во продукција на Македонскиот народен театар.

„Ова признание е потврда за континуираната посветеност и креативност на целиот ансамбл на МНТ. Горди сме што претставата „Народен пратеник“, во режија на Егон Савин, успеа да ја пренесе универзалноста на Нушиќевата комедија и да ја доближи нашата театарска енергија до публиката во регионот. Победата во Врање, не е само успех на претставата, туку и на целата институција, која постојано вложува во уметнички вредности, професионализам и меѓународна соработка. Ова е поттик да продолжиме со уште поголем ентузијазам и креативна сила.“, изјави по овој повод, директорот на МНТ, Никола Кимовски.

Ова сценско остварување, на големиот комедиограф Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин – еден од водечките театарски режисери на Балканот – беше изведено на сцената „Бора Станковиќ“ на 24 октомври.

Фестивалот „Борини позоришни дани“ годинава се одржа од 21 до 28 октомври, под слоганот „Смеење, тишина, вистина и уште по нешто“.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.