“Македонска држава“, дигитална ризница на македонското историско наследство, достапна од денес

Денес официјално започна со работа платформата „Македонска држава“. Тоа е  најголемата дигитална библиотека за македонското историско наследство. Платформата содржи повеќе од 300 електронски книги, историски документи и истражувања кои опфаќаат над 150 години македонска историја, култура и поезија.

Зад оваа прекрасна иницијатива и реализација за почит, стои  група млади ентузијасти, кои вложиле значителен труд за собирање, дигитализација и систематизација на материјали од различни библиотеки, архиви, приватни збирки и јавни извори. Целта е македонската историја и култура да бидат зачувани и достапни за сите.

„Македонска држава“ е замислена како постојано растечка дигитална архива која ги поврзува истражувачите, учениците, професорите, новинарите и сите што ја негуваат македонската културна и историска традиција. Со редовно додавање нови содржини, платформата ќе се развива во богата ризница на знаење и колективна меморија.

Во моментот, платформата е достапна на англиски јазик, а до крајот на месецот ќе биде лансирана и македонската верзија, со дополнителни преводи на други јазици. Така, библиотеката ќе биде корисна и за граѓаните дома, македонската дијаспора и меѓународната јавност.

Посетете ја www.makedonskadrzava.com и истражете ја колекцијата која ја чува македонската приказна за идните генерации

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.