РЕПОРТАЖА – Хајделберг – градот на филозофите

Хајделберг се простира во југозападниот дел на Германија. Тоа е петтиот најголем град во покраината Баден-Виртемберг по Штутгарт, Манхајм, Карлсруе и Фрајбург во Брајсгау. Хајделберг е дел од густо населената метрополитенска област Рајна-Некар.
Поточно, на половина пат помеѓу Штутгарт и Франкфурт, на реката Некар, се наоѓа овој стариот германски град.

Долгата историја на населбите во овие области е потврдена од остатоците од Хајделбершкиот човек ( предок на човекот – Homo erectus), чија старост се проценува на околу 600.000 години. Овие фосили претставуваат најраниот доказ за постоењето на човечкиот вид во Европа.

Бидејќи, за среќа, не претрпел големи оштетувања за време на Втората светска војна, Хајделберг има многу добро зачуван стар град со згради кои претставуваат исклучителни примери на романтистичката архитектура.

Замокот Хајделберг

Замокот се наоѓа на рид над Алтштат (Стариот град) и може да се стигне со жичница што започнува од плоштадот Кормаркт и продолжува кон ридот Кенигстул. Тој претставува еден од највеличествените замоци во Европа. Опкружен е со паркови каде што Гете одел на прошетка, а од кои сега можете бесплатно да го набљудувате градот и реката. Посетата на внатрешноста на замокот се наплаќа, а статистиката вели дека годишно го посетуваат над милион туристи.

Стариот град

Во подножјето на замокот, во Алдштат, се наоѓаат вистинските архитектонски бисери на градот. Обавезно треба да се посети Градското собрание (Ратхаус), Универзитетот, ренесансната куќа на витезот Свети Ѓорѓи од 1592 година и уникатните стари плоштади.

Најдобро е да се започне од Хауптштрасе, главната пешачка зона во градот со многу продавници, а потоа тука се Бизмаркплац и Марктплац, кои ќе ги препознаете по фонтаната Херкул. Тука ситни криминалци биле врзувани и исмејувани во средниот век.

Алејата на филозофите

Прошетајте го живописниот рид на северниот брег на Некар, кој го добил своето име Филозофенвег бидејќи е омилен меѓу филозофите и професорите на Универзитетот Хајделберг веќе 300 години. Благодарение на благата клима, по должината на Алејата на филозофите ќе уживате во јапонски цреши, бамбус, гинко, лимон и чемпрес, меѓу кои големи луѓе како Хегел, Јасперс и Хана Арент размислувале и воделе филозофски дискусии.

Благослов од мајмунот на Стариот мост

Alte Brücke (Стариот мост) е величествен камен мост изграден во 18 век, а интересно е што во текот на историјата пред него на истото место биле изградени осум мостови. Води до Стариот град и има неколку кули со темници, како и бројни споменици и скулптури. Една од најпознатите е статуата на мајмун што држи огледало, за која се верува дека му носи среќа на оној што го допира.

Забавувајте се како студенти

Хајделберг е дом на најстариот универзитет во земјата. Ако сакате да доживеете како живеат студентите и да се забавувате, упатете се кон Унтере Штрасе. Оваа тесна калдрмисана улица, паралелна со главната улица и реката, е полна со одлични и евтини кафулиња, барови и ресторани.

Посета на Студентскиот затвор

Тепачките, пиењето и правењето непријатни шеги биле само некои од прекршоците за кои студентите можеле да завршат во Студентскиот затвор (Карцер) до 1914 година. На затворениците им било дозволено да излегуваат само на предавања, а за време на престојот во затворот, ги украсувале своите ќелии со слики, графити и текстови од песни. Затворот сега е отворен за јавноста и се наоѓа во Аугустинергасе, веднаш зад Стариот универзитет во Алдштат.

Искачете се на кралскиот престол

Со жичарницата што ги носи посетителите од градот до замокот, можете да продолжите до врвот на ридот Кенигштул (кралски престол), кој е дел од планинскиот венец Оденвалд. Има одличен ресторан, забавен парк за деца и почетна точка за неколку пешачки патеки.

Погледот на реката Некар и на самиот град Хајделберг е спектакуларен.

Мартин Матас

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.