Уметност или комерцијализација

Како  да се одржи рамнотежа помеѓу уметничката автентичност и комерцијалните барања?

Познато е дека уметниците комуницираат со својата публика преку своите уметнички дела. Секој период во историјата има посебни начини на создавање и прикажување на уметнички дела.

Се чини дека уметноста отсекогаш била предмет на дебата и контроверзии. Со промените во општеството и развојот на технологијата, границите на уметноста стануваат се пофлуидни, а дефинициите се поотворени за размислување и толкување.
За жал, денес се почесто се зборува за чиста комерцијализација на уметноста. Комерцијализацијата на уметноста стана феномен во кој уметничките дела се повеќе се третираат како стока која е наменета за пазарот. Пазарот на уметност стана многу профитабилен, а уметниците често ги прилагодуваат своите дела за да ги задоволат вкусовите и трендовите што доминираат на пазарот.
Значи, може слободно да кажеме дека постои одреден вид уметност која во предвид го има само комерцијалниот производ.

Тоа е уметност што има само една крајна цел – продажба. Таа уметност ги има сите епитети кои ни даваат за право да ја именуваме како комерцијална уметност.
Спротивното од тоа постои уметност, во традиционална смисла, кога оној што ја создава е воден од потребата за лично самоизразување, емоционална поврзаност и намера да се создаде вистинско уметничко дело.

Многу е извесно дека комерцијализацијата на уметноста може да доведе и до прекумерен фокус на материјалните вредности на уметничките дела. Цената станува мерка за вредноста на уметноста, наместо вреднување на естетските, емоционалните и интелектуалните вредности што може да ги обезбеди уметничкото дело. Уметноста станува дел од луксузната индустрија, наместо да се промовира како средство за изразување, рефлексија и трансформација.

Овде е важно да се нагласи дека уметноста треба и мора да има и своја комерцијална страна, што им овозможува на уметниците да заработуваат за живот од својата работа. Комерцијалниот аспект може да обезбеди можност за проширување на уметничкото изразување и допирање до поширока публика. Клучот е да се одржи рамнотежа помеѓу уметничката автентичност и комерцијалните барања. Уметниците треба да го одржат својот креативен интегритет и личен израз, а воедно да се прилагодат на променливите пазарни барања.

Мартин Матас

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.