Вечерва во Дајмонд Мол во Скопје, амбасадорот на Европската Унија Михалис Рокас, ќе ја отвори изложбата „ЦЕРН и универзумот: Науката што нè поврзува“. Делегацијата на Европската унија ова го оценува како водечки настан во одбележувањето на Ноќта на европски истражувачи 2025 година, најголемиот настан за наука во Европа кој ги доближува истражувањата и истражувачите до јавноста.
Инаку, оваа година се одбележува 20-годишнината од Ноќта на европски истражувачи, што го прави изданието од 2025 година пресвртница за промовирање на науката како заедничка европска вредност. На настанот, покрај амбасадорот Рокас, ќе се обратат и д-р Тадеуш Куртика од ЦЕРН Женева, проф. д-р Мимоза Ристова од Институт за физика при ПМФ Скопје и Јан Стојановски, меѓународно наградуван студент по физика и математика.
Изложбата „ЦЕРН и Универзумот: Науката што нè поврзува“ е поставена од Јуроп Хаус за да ги запознае посетителите со тајните на универзумот, физиката на честички и европската научна соработка. Посетителите ќе можат виртуелно да прошетаат низ акцелераторот на ЦЕРН и да погледнат интерактивни инсталации. Изложбата е отворена за целата јавност и ќе остане поставена во Дајмонд Мол Скопје до 15 октомври 2025 година.
Надвор од Скопје, Ноќта на европските истражувачи ќе се одбележи и низ остатокот од мрежата на Јуроп Хаус. Овие активности се прилагодени за локалните заедници кои опфаќаат куполи за виртуелна реалност, STEM експерименти и лабораториски анализи до лов на научно богатство. Покрај тоа, на младите од Кочани ќе им биде понудена посета со водич на изложбата на ЦЕРН во Скопјe.
преземено: 24info.mk