Со врвни џез музичари, вечерва се затвора Скопскиот џез фестивал

Вечерва, во Националната опера и балет се затвора 44. Скопски џез фестивал. Според директорот на СЏФ Оливер Белопета, концерти ќе одржат двајца врвни американски музичари.

На концертот, кој почнува во 20 часот, ќе го видиме и слушнеме Вадада Лио Смит, познат како најдобриот жив американски џезер. 83-годишниот трубач ќе настапи во тандем со швајцарската пијанистка Силви Курвоазје.

Инаку, тие се на европска турнеја на која го промовираат нивниот прв заеднички албум „Angel Falls“ и скопската публика меѓу првите ќе има можност да ги чуе во живо.

На затворањето од 22 часот настапува квартетот на саксофонистот Џејмс Брендон Луис, кого магазинот „Даунбит“ го прогласи за музичар на годината.

„Во Скопје доаѓа со квартетот со кој неодамна го издаде петтиот албум. Овие извонредни музичари, секој со свој засебен карактер, звучат современо, но длабоко вкоренети во спиритуалната и импровизаторска суштина на џезот“, велат од СЏФ.

фото: smart.sdk.mk

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.