„Тромбоните не молчат“ – хуманитарен концерт за Филип Стевановски во Штип

Макбрас Асоцијација и Скопскиот Брас Фестивал со особена чест го најавуваат меморијалниот концерт посветен на младиот тромбонист и мултиинструменталист Филип Стевановски, кој трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Концертот ќе се одржи во сабота, на 18 октомври 2025 година, во просториите на Народниот театар во Штип.

На сцената ќе настапат тромбонскиот квартет „Макбрас“, како и големиот ансамбл со исто име, составен од 12 еминентни тромбонисти. Меѓу нив се истакнуваат имињата на двајца професори кои одиграа клучна улога во музичкото формирање на Филип — професорот Кирил Рибарски, под чија менторска палка Филип дипломираше на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“, и професорот Ташко Тодоров, негов ментор од средното музичко образование.

Овој концерт има за цел да прерасне во традиционален настан во чест на ликот и делото на Филип Стевановски, музичар со исклучителен талент, кој подеднакво маестрално свиреше и на тромбонот и на пијаното. Неговото музичко наследство опфаќа бројни аудио и видео записи со авторски композиции и изведби, а неговото влијание се чувствува и преку културните иницијативи што ги покрена во Штип и Куманово, меѓу кои и „Куманово Џез Фестивал“, детскиот фестивал „Весело Штурче“, како и напорите за возобновување на диксиленд оркестар и биг бенд состав во Штип.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.