Арт – терапија – Разбуди го детето во себе!

Уметничката терапија е посебна дисциплина која вклучува креативни методи на изразување преку визуелни уметнички медиуми. Уметничката терапија, како професија за креативна уметничка терапија, потекнува од областа на уметноста и психотерапијата и може да варира во дефиницијата (Википедија)

Во свет кој станува сè посложен, покомплициран и потравматичен императив е да се потпреме на човечката креативност во сите активности. Затоа, во поново време сè повеќе се нагласува потребата од интердисциплинарно, холистичко проучување на поврзаноста помеѓу различни научни и професионални области преку заедничко делување со функционални, психосоцијални, образовни и психотерапевтски влијанија врз поединецот. Арт-терапијата го овозможува тоа и обезбедува безбеден простор за креативност, интроспекција и лекување.

Кога бевме деца, часовите по уметност беа најдобриот дел од основното училиште. Кој не уживаше во боење, цртање, сликање, сечење и лепење? Беше забавно, релаксирачко и добивавме прекрасно еуфорично чувство дека сами нешто создаваме. Затоа, потрбно е секогаш да го негуваме детето во себе и да се вратиме на таа детска активност. Се испоставува дека создавањето уметност може да биде моќна терапевтска алатка за возрасни.

Арт-терапијата е терапевтски метод кој користи различни форми на уметност како средство за изразување и лекување. Со оглед на тоа што уметноста овозможува изразување на чувства и мисли што зборовите не можат секогаш да ги опишат, таа станува моќна алатка за интроспекција и емоционално ослободување.
Луѓето кои се подложени на арт-терапија не мора да бидат уметници или да имаат претходно искуство во уметноста за да имаат позитивен ефект. Клучниот дел од овој процес е самиот чин на создавање, а не конечниот резултат.

Иако арт-терапијата како признаен метод се развила во текот на 20 век, нејзините корени можат да се најдат во претходните периоди. Дури и античките Грци и Римјани ја препознале терапевтската вредност на уметничкото изразување.
Со текот на времето, арт-терапијата се проширила на други форми на креативно изразување, како што се пишување, глума, танц и музика.

Терапија со слики

Терапијата со сликање е една од најпознатите и најчесто користените форми на уметничка терапија. Преку сликањето, луѓето можат да се изразат на начини кои не се ограничени со зборови, што отвора врата за истражување на несвесните мисли и чувства. Оваа форма на терапија често ја користат луѓе кои се борат со траума, анксиозност, депресија или оние кои едноставно сакаат да го ослободат стресот и да најдат внатрешен мир.

Терапија со пишување

Пишувањето е една од најинтимните форми на изразување, а терапевтското пишување им овозможува на луѓето да ги изразат своите мисли и емоции на безбеден начин. Пишувачката терапија вклучува водење дневник, пишување есеи, писма или поезија и се користи за да им помогне на луѓето да ги разберат сопствените чувства, да ги надминат траумите или да ги решат внатрешните конфликти.

Актерска терапија (психодрама)

Психодрамата е форма на терапија која користи глума за да ги истражи емоциите, минатите настани и меѓучовечките односи. Преку драматизација на ситуациите, учесниците имаат можност да ги преживеат одредени моменти, да ги видат од поинаква перспектива и да пробаат нови начини на реагирање. Психодрамата им помага на луѓето да се соочат со потиснатите емоции, да развијат емпатија кон себе и кон другите и да истражуваат нови начини за решавање на проблеми. Еден од клучните концепти на психодрамата е „играње улоги“, каде што учесникот ја презема улогата на друго лице или дури и различни аспекти од својата личност.

Музичка терапија

Музичката терапија е терапевтски метод што ја користи музиката како средство за подобрување на физичкото, емоционалното и менталното здравје. Овој вид терапија може да вклучува слушање музика, свирење инструменти, па дури и компонирање. Нејзината цел е да го олесни изразувањето на чувствата, да го намали стресот и да го подобри квалитетот на животот.

Танцова терапија

Транцовата терапија, позната и како терапија со танцово движење, го користи движењето на телото како средство за истражување на емоциите и ослободување од стрес. Танцот овозможува слободно изразување на чувствата преку телото, што е особено корисно за луѓето кои имаат тешкотии со вербалното изразување на своите емоции. Преку ритмички движења, луѓето можат да најдат хармонија помеѓу телото и умот, што доведува до подобрена.

Уметничката терапија е моќна алатка за емоционално и ментално лекување. Без разлика дали станува збор за сликање, пишување, танцување, музика или глума, оваа форма на терапија им нуди на луѓето начин да се разберат себеси подлабоко, да се соочат со проблеми и да пронајдат внатрешна сила. Иако уметноста често се смета за идеја резервирана за уметници, во контекст на терапијата таа станува универзален јазик што секој може да го користи за да комуницира со своите емоции.

Мартин Матас

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.