Kyларт започнува со нова рубрика која редовно ќе ве информира за нај кул настани од сферата на забавата. Трендовите ќе ги следиме заедно, а ние ќе се потрудиме да ги прифатиме вашите сугестии се со цел рубриката да се збогатува со информации и да стане се попопуларна.
Како нај тренд место во Скопје, за изминатиот и тековниов месец, слободно може да го посочиме добро познатиот, мултифункционален простор Јавна Соба или Public Room. Концертите што беа организирани на скопјани им овозможија да уживаат во квалитетна програма.
Групата предводена од Tomi Purich – Balkan/Jazz Group приреди посебно уживање за вљубениците во џезот. Изведувајќи уникатна мешавина од етно и џез музика, комбинирана со елементи од Ориентот, Балканот и Истра со оригинална џез импровизација и необични ритми, ги поведе присутните на патување од Пиран (Словенија) до Скопје и од Триглав до Вардар со одлична џез трансформација.
Kонцерт одржа и Stefanijazz која претставува уникатен музички израз што ја спојува авторската чувствителност на вокалистката Стефанија Милевска Враниќ со богатството на џезот. Во концертната програма беа застапени неколку музички правци од нејзините најистакнати композиции, преточени во џез, џез-рок и босанова аранжмани, како и нови интерпретации со класични џез стандарди.
Македонскиот бенд Фолтин, кој многумина го сметаат за најавтентичен македонски бенд, направи одлична атмосфера со својата музика која е мешавина од многу жанрови, вклучувајќи инди, алтернативна, рок, фанк, електроакустична музика, џез и др.

И за крај, настан кој секако ќе го одбележи овој месец е концертот на Зоран Кики Лесендриќ, основач и фронтмен на легендарната група „Пилоти“. Несомнено дека Кики & Пилоти ќе приредат совршена вечер и забава за сите љубители на добриот рок.
Мартин Матас






























