Концерт на Младинскиот оркестар при ЦК „Трајко Прокопиев”

29

Денес, 10 мај 2022 година во КИЦ на РСМ во Софија, со почеток од 18.30 часот, ќе се одржи концертот „Музиката нема граници“ на Младинскиот оркестар при Центарот за Култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово.
Оркестарот, кој е формиран во 2020 година и функционира под уметничкото раководство на Александар Митрички, се претставува со македонска популарна и рок музика, преработки на македонски евергрини и народни песни. Во програмата на оркестарот се застапени музички композиции, познати од изведбите на Каролина Гочева, Тоше Проески, Александар Митевски и Драган Спасов Дац, Влатко Стефановски, Ареа, Куку леле, Нон стоп, Александра Јанева, Зијан, Ана Костовска, а исто така и џез преработки на познати македонски народни песни, како и песни од кумановскиот крај.
Младинскиот оркестар се состои од над 15 членови, а неговиот инструментариум е составен од вокални солисти, бас гитара, соло гитара, акустична гитара, клавијатури, саксофон, кларинет, кавал, хармоника, кахон, тарамбука, виолина, труба, тромбон.
Покрај композициите кои се пеат, оркестарот изведува и композиции во вид на џез стандарди, преработки на песни во инструментална форма и преработки на ора и песни од традиционалната македонска музика.
Концертот во КИЦ на РСМ во Софија ќе го изведат Петар Штерјовски – хармоника, Никола Стојковски – бас гитара, Филип Стојковски – гитара, Јован Цветковиќ – клавијатура, Иван Михајловски – кахон, Анастасија Филиповска – вокал, Мима Младеновска – вокал, Филип Гелевски – вокал.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.