Времеплов – 11 октомври 1941 запишан како Ден на почетокот на антифашистичката борба на македонскиот народ

Ден на востанието на Македонија или Ден на народното востание на македонскиот народ, — државен празник што се празнува на 11 октомври во Македонија. Востанието е против фашизмот и со тоа започнува борбата за ослободување на македонскиот народ. Тоа е важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Со својата вооружена борба, Македонија не станала квислиншка територија, туку, напротив, жешко подрачје за окупаторот и дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна.

За почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршува во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во нападот учествуваат 16 партизани, распределени во три групи. Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората – затворот, а третата има задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.

Во првата група учествуваат: Аспарух Јосифоски (командир), Душко Наумоски, Блаже Спиркоски, Милан Димоски и Драган Спиркоски. Во втората група биле: Никола Попоски (командир), Мице Козар, Пецо Крстески, Јонче Јанески, Благоја Корубин и Душко Ристески. Во третата група биле: Мице Димески (командир), Крсте ЦрвенковскиКоле Чашуле, Киро Ќососки и Киро Базеркоски.

Во акцијата на првата група бил убиен еден бугарски, фашистички стражар од участокот во Прилеп. Потоа, Аспарух Јосифовски фрлил бомба врз стражарницата. Меѓутоа, надвор се нашол уште еден војник и отворил оган врз групата и со тоа овозможил стражарите да се извлечат. Потоа настанала вооружена престрелка, а групата успеала да се извлече по речното корито. Помеѓу партизаните немало загинати. Втората група нападот го започнала точно во 22 часот. Во предвиденото време незабележана групата се доближила до затворот и во моментот кога ја слушнала престрелката пред полициската станица по фрлената бомба јуришала на затворот. Од затворот било возвратено со оган. Откако било констатирано дека не може да се влезе во затворот за да се ослободат затворениците биле фрлени бомби со што било овозможено без губитоци групата да се повлече по тесните улици. Третата група со спојување на телефрафските и електричните жици успешно го прекинува телефонскиот сообраќај, за да не може воениот бугарско-фашистички гарнизон во Прилеп да биде информиран за нападот.

По изведените акции сите три групи се повлекуваат без губитоци на зборното место наречено Средоточна вода во текот на ноќта додека во градот сѐ уште се слушаат истеели од огнено оружје.

Извор и фотографии -Википедија на македонски јазик

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.