Уметноста има силно влијание врз човекот, таа е духовна активност и дел од човечката природа. Човековата креативност го збогатува светот – може да се манифестира на различни начини: од музика до танц, сликарство, пишување и литература, скулптура и многу други – различни, но подеднакво вредни таленти.
Креативноста и уметничкиот израз се ослободување на индивидуалноста на уметникот, а во исто време, уметникот се открива себеси преку своето уметничко дело. Уметноста го „храни“ човечкиот дух, што е суштината на човечкото постоење. Она што нè прави луѓе. Затоа на неа треба да гледаме како вреден дар што Бог му го дал на човекот.
Желбата на човекот за креативно изразување преку уметноста е потрага што трае со милениуми. Уметноста е нешто што ги стимулира мислите, чувствата, верувањата или идеите на поединецот преку сетилата. Постојат различни цели за кои се создава уметничко дело, меѓутоа, најчесто тие вклучуваат потреба за пренесување идеи и самоизразување. Тие можат да пренесат политичка, духовна или филозофска порака, да создадат чувство на убавина (естетика) или да евоцираат силни емоции кај гледачот.
Секако дека уметникот треба и има вистинска љубов кон уметноста, сепак, намерата зад уметноста генерално се препознава во неколку категории, вклучувајќи ја потребата да се изрази себеси, да се застапува визија, да се бара признание и да се добие некаква материјална надокнада.
Која е вистинската цел на уметноста и со каква намера треба уметникот да создаде уметничко дело?
Основната цел на животот е човекот да расте. Меѓу другото да расте и духовно. Овој принцип на зголемување на духовната позитивност и отфрлање на негативноста треба да се усвои во сите животни активности.
И во областа на уметноста, основната намера на уметникот треба да биде да ја користи својата уметност како медиум за духовен раст. Целта на неговата уметност треба да биде да емитува духовно позитивни вибрации во околината и да им помага и да ги инспирира другите да растат духовно. Вистинската уметност е онаа што ги буди доблестите на барателот во поединецот и го инспирира да расте духовно.
Велат, кога уметникот е во состојба да ја види формата на својата душа во својата уметност, заедно со нејзината убавина, се создава духовна чистота. Ова води кон духовен раст на уметникот и ги инспирира другите да растат духовно, затоа таквата уметност е во согласност со основната цел на животот. Сè друго не би било во согласност со целта.
Мартин Матас