Почетна КОЛУМНА Диџеј Ахмет – Филм во кој боите имаат звук

Диџеј Ахмет – Филм во кој боите имаат звук

По гледањето на, според мене, маестралниот филм “Диџеј Ахмет“,  деновиве во кино, ми требаше малку време, да ги соберам впечатоците и да напишам нешто за ова македонско вредно филмско дело.

Приказните, македонски , кои се пренсуваат преку уметничките дела , дали филмски, театарски, книжевни,музички…. воглавно се тажни. Дали биле урбани или рурални, дали се зборувало за македонскиот, турскиот народ или било која, друга етничка заедница. Се е во позадина со тага. Токму тагата е инспирација за создавањето, но секогаш со барем една мала нишка, на присутна надеж.

Таква е и оваа приказна, за 15 -годишното момче Ахмет, од  јуручко село во Македонија.  Тој притиснат од живот, кој ни малку не го посакува, со тага по изгубената мајка, која мора да ја крие, со грижа кон помалото братче, и притисок од навидум суровиот татко, наоѓа засолниште во музиката. Таа му помага да се справува со очекувањата и на конзервативната заедница, во која живее. И, како ништо без љубовта нема смисла, токму првата љубов и првото љубовно искуство – девојка веќе ветена на друг, му дава сила и мотив да се бори со предизвиците и да создаде, пред се мир во себе, но и поспокоен семеен живот.

Ликови, маестрално одбрани и изработени, фотографија која ви го зема здивот, режија која воодушевува, е  резултат на работата на одличната филмска екипа, која заслужува поклон и благодарност од македонската публика за создавање на ова дело. Режија, Георги М. Унковски, кинематографер, Наум Доксевски, улоги: Ариф ЈАКУП, Агуш Агушев,  Аксел Мехме , Дора Акан Златанова и бројна статистичка екипа.

Филмот е копродукција меѓу  Македонија, Чешка Република, Србија, Хрватска, а не ми преостанува ништо друго, освен топло да ви го препорачам да го погледнете.
П.С.
Верувам дека многумина прв пат ќе слушнат за Јуруците, етничка група кои живеат во планината над Радовиш и кои сеуште живеат по своите строги традиционални норми. Препознатливи се и по нивниот колорит во облеката и обичаите кои грижливо ги чуваат. Затоа и репликата од филмот
“ Некогаш и боите имаат звук “, ми ја обележи пораката на филмот.
М-р Татјана Гогоска
metropolis-big