Наместо општеството да се мобилизира и да бара одговорност од властите, мнозинството молчи, чекајќи државата да „даде нешто“, заборавајќи дека државата нема свои пари, туку постојат само пари на државните обврзници
Македонија, по којзнае кој пат потврдува дека земјата е идеална за политичарите, додека нејзините граѓани остануваат заробени во незнаење, сиромаштија и рамнодушност. Во земја каде што поединците сериозно веруваат дека политичари можат да ги претставуваат интересите на обичните луѓе, секоја дискусија за реалните социо-политички проблеми станува речиси бесмислена. Политичката каста во Македонија со децении профитира на грбот на обесправените граѓани, додека јавниот простор е доминиран од примитивизам, вулгарни дискусии и бесцелно трошење енергија.
Наместо да се создаде општество засновано на знаење, правда и еднакви можности и понатака се негува култура на корупција, непотизам и плитка демагогија. Политичарите, чија единствена мисија се буџетските бенефиции, се збогатуваат со неколку мандати, додека граѓаните остануваат со илузијата за демократско донесување одлуки. Во земја каде што луксузните автомобили, приватните недвижности, далечните туристички дестинации и опремувањето на скапите канцеларии на политичарите се финансираат од парите на даночните обврзници, одлуките за минималната плата потрошувачката кошничка се донесуваат истовремено без смислена економска анализа. Тие одлуки, наместо да го подобрат животниот стандард, служат за пополнување на буџетските дупки предизвикани од неконтролираното трошење на јавните средства. Македонија е на врвот на листата на корумпирани земји со години. Огромен дел од вработените во јавниот сектор, заедно со неколку полуприватни компании кои живеат од државни тендери, одржуваат систем што ја зацврстува сиромаштијата. Во овој контекст, зголемувањето на продуктивноста на економијата и префрлањето на капиталот во поефикасни сектори звучи како невозможна мисија.
Системот ја фаворизира статус кво состојбата бидејќи секој обид за промена ги загрозува привилегиите на тесен круг елити, додека просечниот граѓанин молчи или се повлекува пред реалноста во која политичките промени се сведуваат на промена на фигури, а не на системи. За жал, незнаењето, примитивизмот и недостатокот на емпатија станаа белег на општеството. Наместо општеството да се мобилизира и да бара одговорност од владата, мнозинството молчи, чекајќи државата да „даде нешто“, заборавајќи дека државата нема свои пари, туку постојат само пари на државните обврзници. Вака, како стојат работите, доаѓаме до заклучок дека патот кон социјалната безда веќе е трасиран. Вака, отприлика, изгледа политичката слика на државата. И уште да ја надополниме сликата со состојбата во образовниот систем, кој треба да биде основа на иднината, а кој генерира генерации далеку под европскиот просек, како и економијата која стагнира, додека јавниот сектор е во подем, а политичката каста не го запира арогантното трошење на ресурси – и целиот мозаик изгледа како да е склопен.
Мартин Матас
