ЕМПАТИЈАТА КАКО ТУЃ КОНЦЕПТ

Со зголемен фокус на себеси и живеење во систем кој е нечувствителен кон ранливите групи, полека се создава култура на бездушност во која стануваме се помалку чувствителни на страдањата и проблемите на другите луѓе

Емпатијата е еден од темелите на емоционалната интелигенција, која му овозможува на човекот да ги идентификува сопствените и туѓите чувства.
Таа е клучна за социјалната интеракција, односно способност да ги гледаме работите од туѓа перспектива и соодветно да одговориме на емоционалните потреби на другите луѓе.
За жал, во денешната нарцистичка култура, која се повеќе се стреми кон екстремен индивидуализам и самопромоција, емпатијата како да станала туѓ концепт. Но, тука се јавува и еден парадокс. Никогаш не сме зборувале за емпатијата толку многу како во изминатиов период. Се чини како хронично да ни недостасува.
Веројатно многумина се сеќаваат дека до неодамна мислевме дека е природен инстинкт да им се помогне на другите во неволја или кога им е потребна помош. Можеби затоа што тогаш повеќе сме знаеле дека квалитетните односи со другите се еден од најважните рецепти за среќен и исполнет живот и дека преку таквите односи подобро се запознаваме себеси, учиме да ги регулираме сопствените емоции и да управуваме со она што го чувствуваме.
Сме остварувале здрави блиски врски. Прифаќањето на перцепцијата и перспективата на другата личност, како и разбирањето на нивната гледна точка, овозможувало да се спречат бројни недоразбирања и конфликти, а со тоа доаѓало до зајакнување на самата врска. Емпатијата е таа која ни овозможувала да градиме односи со другите, да се чувствуваме поврзани, да сакаме, да почитуваме и да помагаме.
Сега владее друг феномен. Емпатијата е на најниско ниво. Денес е помалку веројатно едно лице да си дозволи да реагира во кризна ситуација кога има повеќе присутни набљудувачи околу него. Односно, се повеќе сме склони одговорноста да ја префрлиме на другите и најчесто избираме самите да се изгубиме во толпата.
Современата ера им олесни на сите што живеат во виртуелниот свет да се „изгубат во толпата“ и да ја занемарат емпатијата.
Секогаш кога ќе се отвори оваа тема за дискусија, веќе на самиот почеток ја правиме првата грешка прашувајќи се – кој е виновен за ваквата состојба?
И пред да провериме колку самите сме одговорни за тоа, веќе се обидуваме одговорноста да ја префрлиме на некој друг. Како да забораваме дека ако сакаме да ја имаме способноста да ги препознаеме и разбереме мислите и чувствата на друга личност, прво мора да знаеме како да ги препознаеме и разбереме, па и споделиме сопствените мисли и чувства со себе и со другите.
Емпатијата го поттикнува алтруистичкото однесување и внесува дополнителна вредност во она што го правиме. Без разлика во какви околности живееме, секогаш има некој близок до нас на кого му е потребна поддршка и помош, љубезен збор и насмевка. Проблемот настанува кога тоа не се препознава или се игнорира. Емпатијата ни овозможува да ги слушнеме другите и да ги прифатиме такви какви што се. И токму затоа таа недостасува во денешниот свет. Затоа што сме прифатиле култура која нагласува само „јас“, а не „ние“. И затоа што сочувството често се злоупотребува за да се постигнат сопствени интереси и потреби. Па, поради тоа луѓето ја губат довербата и денес се плашат од поврзување со другите.
Секој од нас сака да биде виден во очите на другите, слушнат и разбран, а главниот клуч за ова е емпатијата.
Медиумите (првенствено интернетот, мобилната телефонија и компјутерската технологија), станаа клучен фактор во нашата социјализација, силно влијаејќи на нашето однесување, ставови и погледи на светот. Тие станаа главен извор на информации и забава за сите генерации, особено за помладите. Да не се разбереме погрешно, медиумите сами по себе не се добри или лоши, туку начинот на кој ги користиме ја одредува нивната природа.
Факт е дека медиумите се доминирани од лоши вести, рекламни пораки, политика, мноштво содржини што ги затапуваат нашите сетила, ја оневозможуваат имагинацијата, поттикнуваат нечувствителност кон болката и страдањата на другите. Поттикнуваат деструктивни видови однесување, одржуваат стереотипи, доведуваат до пад на моралните вредности, поттикнуваат некултура на сметка на културата, ја зголемуваат отуѓеноста во општеството и друго.
Па затоа луѓето почнуваат да ја бараат среќата фокусирајќи се исклучиво на сопствените проблеми, но тоа секако не ги прави посреќни. Се повеќе стануваат депресивни, вознемирени, нервозни, анксиозни и зависни од се и сешто.
Со зголемен фокус на себеси и живеење во систем кој е нечувствителен кон ранливите групи, полека се создава култура на бездушност во која стануваме се помалку чувствителни на страдањата и проблемите на другите луѓе.
Затоа, на светот му е потребен ресет, враќање на изворните вредности кои човекот го прават човек. Една од нив е емпатијата.

Мартин Матас

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.