Во моментов, на почетокот на новата учебна 2025/2026 година, македонското образование накратко би го објаснила како :“три во едно“.
Преплавена е јавноста од море на информации, вистинити и лажни, безброј очекувања за надминување на наталожените проблеми, во оваа многу важна т.е. најважна сфера во општеството и нелогичности.
А за важноста на образованието, доволно е да ја повторам онаа поговорка, добро позната, која гласи “Ако сакаш една држава и народ да ги уништиш, уништи го образованието“.
Веќе триесет и четири години од осамостојувањето, ние во Македонија талкаме во образовниот процес. Некако како да сме “изгубени во просторот и времето “. Еден систем, па друг, па воведување на новини без основа, па промена ваква или онаква и пред седум години, неистражена и паушална генерална промена на предметите, со што ова личеше на се, само не на стабилен образовен процес. Политиката ја имаше диригентската палка.
Една година, рака на срце отстрана гледано, се прават напори, дупката направена во овој долг период да се пополни, но капацитетите се толку и секако дека има и превиди.
Па да почнам од старо-новите учебници.
Да, се испечатија нови учебници и оние што долго ги немаше за странски јазици, но не се стигна за се. Така дел од генерациите кои се четврто, петто одделение… останаа без основните учебници а многумина добија искинати и исшкртани учебници, по одделни премети. За бројните нови учебници, не би коментирала за нивниот квалитет, тој треба дополнително да се види каков е. Малку повеќе ме збунува фактот, што безмалку сите уебници довербата беше дадена да ги испечати една Издавачка куќа . Ако се знае дека Конкурсите беа објавени во јануари, не знам кога успееја да ги направат сите учебници, освен ако не знаеле однапред и се подготвувале. Повторно некои стари навики во нов пакет спакувани. Никако болката на однапред договорени работи, без можност на други да добијат шанса не се наоѓа никој да ја подизлечи. И сепак да се знае, учебниците се и тоа како, убав бизнис.
Стигнавме до чучавците, т.е. несредените и нефинкционални тоалети Ете така, и после споменатите 34 години немаме соодветни тоалет, останати од едно многу дамнешно време. Во многу училишта, има бројки кои празуваат, децата не знаат како да ги користат. По се изгледа не се стигнало, тоалетите да се во фокусот на образовните промени. Како и зошто, можеме само да погодуваме.
Но, затоа пак имаме новина преку воведување на Вештачката интелигенција во основните и средните училишта. Експресно се донесе одлука, се избра Бреинстер Академија како обучувач, се направа Прирачник за наставници (УГД “Гоце Делчев“), се подготвуваат и обуки со наставници, се со цел “да фатиме чекор со времето и да ги научиме децата како да ја користат позитивно“.
Сето ова ми изгледа како една трка во круг, која додека учениците стигнат до целта, ќе се мачат со старите искинати книги, некои ќе мислат како да го користат чучавецот во училишните тоалети, додека пак други, ќе навлегуваат во предностите и недостатоците на Вештачката интелигенција.
Интересно и мора да признаете сепак имаме образование “три во едно“. А од сегашната пракса, имаме голем капацитет на млади и поединци во воспитно-образовниот процес, наставници, професори и педагози кои навистина си ја сакаат работата. Само со нив успеваме да го одржиме образованието на некое ниво, затоа што образовниот државен систем не функционира, сеуште.
М-р Татјана Гогоска




































