Првиот резултат од оваа соработка е уметничка резиденција на грчкиот актер и режисер Емануел Константинидис, кој ќе престојува во Скопје, до 15 ноември.
Тој имаше продуктивен состанок со директорот на МНТ, Никола Кимовски, а имаше можност да се запознаее и со дел од актерскиот тим на театарот. Во периодот што следува, Емануел ќе ги погледне репертоарските претстави на МНТ, а кон крајот на резиденцијата ќе одржи и отворени работилници за сите заинтересирани – актери, режисери, кореографи, музичари, сценографи и љубители на театарската уметност. Без ограничувања, само со желба за учење и заедничко креирање!
Емануел Константинидис е едно од најсвежите имиња на грчката театарска сцена.
Наобразуван во престижните школи „Жак Лекок“ и „Кур Флоран“ во Париз.
Работел на претстави во Франција и Грција, со настапи и режии во Париз, Атина и на Атинскиот епидаурски фестивал.Неговите претстави „Атлас“, „Албатрос“, „Сакам да си одам дома“, „Креата“ и „Феноменон“ се издвојуваат по експериментален пристап и моќна уметничка визија.
За себе вели:
„Театарот е колаборативен чин на создавање. Секој проект е патување и размена на идеи. Искрено се радувам на соработката со МНТ, бидејќи верувам дека ќе донесе нови перспективи и инспирација.“
Со оваа резиденција, МНТ отвора ново поглавје во европската приказна на соработки и размени.