Почетна ИНТЕРВЈУ Маргарита Христова- Нејзиниот глас е ДАР, а едноставноста најблагословен белег

Маргарита Христова- Нејзиниот глас е ДАР, а едноставноста најблагословен белег

2565

 

Се сеќавам на нејзината промоција, на мислам првиот албум во Бистрото на МОБ

       ( Маргарита ме потсетува – Ја издадов првата музичка касета, во Продукција на МРТ со наслов “Маргарита”, во 1996 година). Искрено не знаев, ни која година беше, ни каква форма беше, знаев дека има повеќе од 20-тина, но еве повод да се потсетиме, а  тој настан го паметам затоа што тогаш повеќе ја запознав Маргарита. Низ годините имавме кратки, блиц и по некоја средба на која си разменувавме обични ставови и мислења. Секогаш се прашував, зошто одбра да остане во нејзината родна Битола и дали тоа е можеби причината за нејзиното присуство на естрадата, кое  во секој поглед е помалку од она што Маргарита го заслужува. Разговорот го водевме on-line, иако си ветивме дека прва прилика ќе имаме кафе средба и тоа многу скоро.

Интервјуто го водеше Татјана Гогоска 

Некако се наметнува и несакајќи првото прашање, колку време е Маргарита на македонската естрадна сцена?

-За свој прв професионален почеток, ако не ги земеме во предвид настапите на детските фестивали кај нас, и низ поранешна Југославија, го сметам настапот на Макфест 1989 година со ,,Долга Нок“ – мојата најсакана, најслушана и сеуште барана.

песна. Песна и настап кои ми го променија животот и ми ја одредија мојата професија, со која се занимавам еве веке цели 29 години. Години исполнети со многу музика.

  Кои се твоите почетоци и со што?

-Моите почетоци се поврзани со моите родители и моето детство. Потекнувам од музичко семејство и моите родители од најмала ме научија да ја сакам музиката, да ја препознавам квалитетната, а подоцна и самата да почнам да се занимавам со неа.

Со пеење почнав на некои 6-7 години. Беше тоа еден детски фестивал „ Одбираме таленти “  во Битола каде победив, па „ Златно Славејче“ , следуваше фестивалот  „Златен глас“ ,каде на 13 години победив со песната „Вљубена жена „ од Барбара Стрејсенд, потоа интернационалниот фестивај во Маглај-Босна и Херцеговина, каде ги освоив сите први награди. Тоа се моите почетоци се до Макфест 1989, мојот прв професионален настап.

  Кој е за тебе досегашен најголем успех?

Кога размислувам кој е мојот најголем успех до сега, низ глава ми поминуваат сите настапи, награди, гостувања, снимања и не можам да одделам ни еден кој е  повеке важен од другите. Ги има многу: Награда за најдобар пеач на интернационален фестивал во Каван –Ирска , први награди во Варна-Бугарија, 2-ра награда на интернационален фестивал во Кемер –Турција. Награда занајдобар пеач на фестивал во Малта потоа Втора награда на онлајн фестивал од цел свет помеѓу 46 земји учесници во Малта, награди на фестивали во Македонија како и член на жири на многу детски интернационални фестивали, повеке снимени песни и многу настапи. Сето ова би го ставила на исто место со подеднаква важност за мене.

На настап во Италија со италијанската ѕвезда Гуерино Папа

Со што од твојот професионален пат со радост се сеќаваш?

-Во сите овие години колку што сум присутна на музичката сцена сум доживеала безброј убави моменти, настапи ,награди. Имав можност да пеам на сцени каде пееле Џони Логан , Селин Дион, Таркан, сум била дел од интернационални жирија, сум ја претставувала Македонија во Италија, Турција, Малта, Бугарија, Ирска Франција, секогаш вракајки се со награди. Но, сепак она на што секогаш со радост се сеќавам и би го издвоила како најмило е моето прво појавување на Макфест на мои 15 години.

Мојот прв настап на сцена заедно со најпознатите ѕвезди од цела Југославија кои дотогаш ги гледав на телевизија и им се восхитував. А меѓу нив јас , а уште и наградена за најдобра интерпретација во таа конкуренција. Сите зборуваа за девојчето со сини очи и коса во опавче кое прв пат излезе и ја освои публиката. Таа слика остана да ме следи сите овие години.

Често гостуваш во Турција, која е врзаноста со оваа земја?

Мојата соработка како и гостувања во Турција започна уште пред петнаесетина години кога на еден фестивал во Бугарија ги освоив сите први награди.Тоа се случи во година кога фестивалскиот оркестар пред самиот почеток реши да штрајкува, а јас немав снимена матрица. Така тажна дека нема да пеам ми пријде  една слепа девојка-клавиристка. Рече дека ја знае да ја свири „Силата на љубовта“ од Џенифер Раш и така во последен момент, без проба, само во клавирска придружба на слепата девојка, јас настапив. И веднаш овации од публиката и жирито, сите станаа на нозе и аплаудираа. Во жирито беше и Фиген Чакмак од Турција, која веднаш по доделувањето на наградата, воодушевена од моето пеење ми предложи соработка и гостувања во Турција.

Во дует со Хакан Ајсев -Се редеа голем број настапи низ цела Турција, концерти, фестивали, награди и гостувања. Во меѓувреме се продлабочи соработката со значајни луге од музичкиот живот и естрада во Турција, па соработката се прошири. Снимив дует со познатиот тенор Хакан Ајсев кого уште го нарекуваат и турскиот Павароти и сум чест гостин на неговите настапи.

И така веке повеке години јас патувам и имам настапи во оваа убава, и кон нас секогаш пријателски расположена земја. Јас со години таму се чуствувам многу убаво, затоа што чувствувам дека луѓето ја сакаат мојата музика и ме подржуваат мене како пеач. И тоа ме прави навистина и професионално и приватно среќна.

 

Одбра да останеш во Битола. Дали мислиш дека тоа е една од причините што не си онолку колку што заслужуваш на естрадата?

-Домот е таму каде што ти е срцето. Мене домот ми е во Битола, каде што е мојата фамилија. Патувам често и секогаш брзам да се вратам дома кај своите. Тоа што останав да живеам  во Битола, не сметам дека е причина за тоа што ме има помалку на естрадата, бидејки јас секогаш сум одговарала на секоја покана за гостување  и оддалеченоста од Скопје не претставувала никаков проблем  за мене.За жал јас секогаш сум добивала многу повеке покани за гостувања од други земји отколку тука кај нас.Но, тоа е веке друга тема.

 Кои се твоите ставови за македонската естрада во послендиве барем 10-тина години?

Јас ја имав таа среќа да ја започнам мојата кариера во најубавите години за македонската сцена, кога македонската музика беше во подем  и беше репер за квалитет. За жал, тоа не може да се каже за ситуацијата во која се наоѓа македонската естрада во последните години. Всушност не постои музичка сцена, а ни медиуми  каде може да се пласира македонска музика. Нема музички емисии, манифестации, концерти, а и оние кои ги има поминуваат бледо. Па така се губи и интересот кај квалитетните музичари. Едноставно се сменија времињата. Не постојат никакви критериуми, квалитетот не се вреднува воопшто, па затоа во светски рамки сме онаму каде што сме-многу поназад од другите.

 Што работиш во моментов?

Во моментов освен што се подготвувам за моите следни гостувања во Малта и Турција, веќе подолго време размислувам за снимање на некоја нова убава песна. Песна за моја душа и за сите оние драги луге кои ја сакаа мојата музика и често наидувам на прашања како „кога нова песна “ и  „што те нема“. Инаку моја последна снимена песна е “Тоа љубов “, од Хари Котларовски и видео запис на Дејан Миличевиќ.

Приватно Марга, што те радува најмногу? Што го исполнува твојот свет? 

Приватно ме радуваат многу работи. Сакам кога лугето околу мене се среќни и насмеани. Се  радувам на дружбите со моите пријатели. Сакам да слушам убава музика. Ме радува и сакам кога патувам и запознавам нови луѓе, земји , култури.

Берлин-март 2019

Скромно, ненаметливо и искрено, таква е Маргарита Христова, присутна на македонската естрада веќе 29 години. Од својот прв настап на 15 годишна возраст на Макфест па досега Марга е едноставно таа. Сеедно, дали ќе ја сретнете професионално, приватно, on-line или пак ќе седнете на кафе муабет.

Нејзиниот глас е ДАР а едноставноста е нејзиниот најблагословен белег по која е различна од другите.

Во очекување на нешто ново од неа разговорот го завршуваме со видео запис за нејзиниот прв настап на Макфест 1989 година со песната “Долга ноќ”, затоа што тој настап го одбележал и нејзиниот професионален и животен пат.

 

Галерија – Приватна архива на Маргарита Христова

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

metropolis-big