Театарската претстава „Уна“, во режија на истакнатиот македонски режисер Дејан Пројковски, која премиерно се одигра на 12 октомври на сцената „Данило Бата Стојковиќ“ во театарот „Звездара“ во Белград, беше наградена со стоечки овации. Публиката, со громогласен аплауз ги награди актерите, Никола Ристановски, кој го игра главниот лик – универзитетскиот професор Мишел Бабиќ, Магдалена Мијатовиќ во улогата на студентката Уна, Сена Ѓоровиќ како сопругата на професорот Олга, и Марко Гверо во улогата на проректорот Дукиќ.
Македонскиот актер Ристановски со оваа улога дебитира на сцената на театарот „Звездара“.
Инаку, претставата „Уна“ е работена според истоимениот бестселер роман на Момо Капор, во адаптација на Стеван Копривица.
– Претставата „Уна“, за која Стеван Копривица го напиша текстот базиран на истоимениот роман од Момо Капор, е создадена како одговор на длабоката и универзална човечка потреба за приказна што зборува за сеќавањето, за љубовта и за минливоста. Во својот роман, Момо Капор не само што раскажа животна приказна туку и отвори теми што сè уште се релевантни денес. „Уна“ е претстава за човечките односи, за влијанието на минатото врз сегашноста и за тоа како едно единствено сеќавање може да го обликува целиот наш живот. Во време кога технологијата и општествените промени го преплавуваат нашето секојдневие, кога е тешко да се одржи искрена и длабока врска, оваа интроспективна и емотивна драма нè потсетува колку е важно да се зачува автентичноста и искреноста“, вели македонскиот режисер Дејан Пројковски.
Меѓу бројната публика присуствуваше и македонскиот Министер за култура и туризам, Зоран Љутков.
Претставата „Уна“ е заснована на мотивите од истоимениот култен роман од Момо Капор, но и на нови значења и конотации наметнати од времето во кое живееме.
Филмската верзија е со Раде Шербеџија и Соња Савиќ, во режија на Милош Радивојевиќ.Стеван Копривица, кој ја адаптирал претставата,истакува зборувајќи за претставата дека , се обиделе да создадат моќна љубовна приказна во ова време, во која се преплетуваат еротиката, емоциите, политиката, догмите, генерациските раскинувања и резигнираниот бунт на еден осамен херој. -“Ова не е приказна за тоа како љубовта победува, ова е приказна за тоа како љубовта се случува, менува сè што знаеме, а потоа исчезнува, оставајќи зад себе некаква светла трага. Спомен, ако ништо друго“.
Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Ивана Ристиќ, а музиката на Горан Трајкоски. Репризни изведби на „Уна“ се закажани за 13 и 26 октомври во театарот „Звездара“.
