„ЛЕТАЈ ГАЛЕБЕ“ – ПРОМОЦИЈА НА МОНОГРАФИЈА ЗА  КИРЕ КОСТОВ 

Во среда, 15 октомври во 19 часот, во кафе „Литература“ во Дајмонд Мол, ќе се одржи 
промоцијата на монографијата „Летај Галебе“, посветена на маестро Кире Костов –еден од најзначајните македонски композитори, аранжери и диригенти.
Настанот претставува омаж на неговото животно и уметничко дело, чиј опус остави 
неизбришлив белег во современата македонска музика. 
Автори на монографијата се Снежана Анастасова Чадиковска – истакната македонска 
пијанистка, пијано педагог, музички публицист и организатор, и Марко Коловски – иден музиколог, публицист, новинар и општественик.
Визуелниот идентитет го креираше Методија Ачевски, а изданието е реализирано во 
печатницата „Бранко Гапо“.
Монографијата „Кире Костов“ ги осветлува животниот пат и грандиозното дело на 
маестро Костов – низ фотографии, сведоштва и архивски материјали што сведочат за 
неговиот влог во македонската култура. 
Промотор на делото е проф. д-р Александар Трајковски – музички теоретичар, истражувач, 
педагог и публицист, а модератор на промоцијата ќе биде Живкица Каленикова.
На настанот ќе зборува и Кармен Костова, академски музичар и пијано педагог, сопруга на 
Кире Костов, која е иницијатор на проектот. 
Монографијата ја создадовме со многу љубов и почит. Кире беше човек што 
целосно ѝ се предаваше на музиката и на луѓето околу него. Со оваа книга сакавме 
да му возвратиме со иста љубов – да покажеме колку ни недостига, но и колку многу 
ни остави. Секој ред, секоја фотографија и секое сведоштво носат дел од неговата 
енергија, која и понатаму нè инспирира. – изјави Кармен Костова. 
На промоцијата се очекува присуство на бројни уметници, пријатели и соработници на 
маестро Костов, кои ќе му оддадат почит на човекот чие творештво е белег на македонската музика и време. 
Промоцијата е и најава за претстојниот гала- концерт „Летај Галебе“, што ќе се одржи на 11 ноември во Националната опера и балет, во режија на Дејан Пројковски.
Концертот ќе обедини голем број македонски музичари и соработници на Кире Костов, 
кои со изведби во живо ќе му оддадат почит на неговото дело. 
 
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.