Со воспоставувањето на ова тело јавните средства ќе се насочуваат кон проекти кои носат голем придонес за економскиот раст, подобрување на јавните услуги и унапредување на стандардот на граѓаните
На последната седница на Владата е донесена Одлука за формирање на Комитет за јавни инвестиции, со што се поставуваат основите за поефикасно, транспарентно и стратешко управување со јавните инвестиции.
Покрај другото, формирањето на овој комитет претставува значаен чекор за обезбедување усогласеност на јавните инвестиции со националните приоритети и стратешки цели.
Се работи за постојано меѓуресорско тело на Владата кое ќе обезбеди координација меѓу институциите и интегриран пристап во донесувањето одлуки.
„Со овој чекор се создава систем кој ќе обезбеди подобро планирање, приоретизирање и реализација на проектите што носат голема вредност за граѓаните и економијата“, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Според неа, со воспоставувањето на ова тело јавните средства ќе се насочуваат кон проекти кои носат голем придонес за економскиот раст, подобрување на јавните услуги и унапредување на стандардот на граѓаните.
Комитетот ќе го следи напредокот на инвестициите, ќе ја проценува нивната изводливост и ќе обезбедува препораки за најдобро користење на јавните средства.
Со Уредбата за управување со јавни инвестиции, од која произлегува Комитетот, се воспоставува систем за подобра реализација на капиталните проекти.
Исто така, во Министерството е формиран посебен Сектор за управување со јавни инвестиции кој ќе врши независен преглед на прединвестициските студии, проценка на зрелоста на проектите и следење на нивната реализација.
Мартин Матас