Каде одиш човеку?

Политичките и економските тензии се во постојан раст и не можат да се решат во рамките на постојната култура, верувања и вредносни системи

Живееме во време на нарушени вредности. Време каде моралот е ментална именка. Се чини како да се стремиме кон погрешни цели, како да се движиме по погрешни патишта кои неводат никаде.
Сведоци сме дека во нашата околина нема кодекси на однесување што се почитуваат… Кога ќе се осврнеме наоколу гледаме дека сите сме исти, сите зјапаме и брзаме некаде. Немаме време да подзастанеме да се запрашаме, всушност каде сме ние во целата оваа приказна? Просто, не правиме ништо. Живееме од ден за ден и чекаме нешто само по себе да се промени. Морам да признам дека се повеќе ми се чини како веќе да не се надеваме ни на промени. Како да се навикнавме на оваа состојба и како да почнува да ни одговара.
Но, не треба да е така!
Во која насока се движиме? Ова е елементарно прашање кое токму сега треба секој од нас да си го постави. А, потпрашањата се: Колку долго трае ваквата состојба? Што ни се случува или што се случува со нас? Дали сосема се отуѓивме од повозвишените цели, од моралните вредности, од духовноста, па станавме како празни школки?
Тешко е да се остане ментално здрав во време кога си опкружен само со војни. Не зборувам само за борбени дејствија. Зборувам за војната со цените на храната и енергијата, војната на идеологијата и религијата, војната на разумот и глупоста. Да, тешко е да се остане ментално здрав кога си опкружен со криза која ги опфаќа сите полиња. Неодамна прочитав дека оваа сеопфатна криза ќе трае една цела генерација. Страшно!
Политичките и економските тензии се во постојан раст и не можат да се решат во рамките на постојната култура, верувања и вредносни системи. Тоа е поразувачки факт, но и факт кој ја потврдува потребата од етичка (морална) револуција. Знаеме дека пред секоја „револуција“ тензијата расте до степен на неподносливост. А, до кој степен е веќе стигнато? Конфликтите меѓу богатите и сиромашните, развиените и неразвиените, успешните и помалку успешните создаваат поделби и револт без преседан. Како што вели еден професор, противречностите се продлабочуваат, од војни на интереси до корумпирани државни службеници, од неефикасна бирократија до несоодветна заштита на човекови права. Луѓето веќе одамна ја имаат изгубено довербата во демократските институции.
Овде треба да споменеме дека длабоката криза околу нас е секако резултат на интереси. Поддржани од политичарите, моќниците го добиваат она што го сакаат, а останатите ги трпат последиците. Финансиските закони ги задоволуваат интересите на банките, здравствената политика интересите на фармацевтските компании, даночната политика интересите на богатите, трудовото законодавство интересите на работодавците… Од тука се гледа дека владата станува само посредник, а за се одлучуваат моќните и богатите.
Еден од клучните проблеми денес е ерозијата на моралот. Тоа е дното до кое стигнавме. Единствено нешто што може да не извлече од калта во која потонавме е да сфатиме дека е дојдено време за етичка револуција. Враќање во светот каде што главен збор имаат доблестите, а не пороците. Нема веќе изговори, луѓето мора час поскоро да се разбудат ако сакаат да живеат достоинствен живот.
Само кога чесноста, моралот, довербата и соработката ќе се вратат меѓу луѓето, тогаш ќе се застане на патот на насилството, изнудата, корупцијата и измамата.

Мартин Матас

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.