30 април -Меѓународен ден на џезот, одбележан со онлајн видео концерт

903

Здружението на џез-музичари со поддршка на Град Скопје и Младинскиот културен центар денеска ќе го одбележи 30 април, Меѓународниот ден на џезот.

Во рамки на одбележувањето тие ќе приредат концерт што ќе биде прикажен на нивната фејсбук страница преку онлајн видео-стриминг. Стримингот ќе се одвива и на фејсбук страниците на Град Скопје и на Младинскиот културен центар. Во текот на целиот ден, посочуваат, ќе можат да се проследат неколку концерти на врвни македонски музичари и групи: соло настап на Антоние Весковски, концерти на „Кабадајас“ и на „Зулу 3.4“, концерт на групата „Светлост“, како и на бендот на Михаил Парушев и на групата „3ject“.

– Публиката ќе  има можност да слушнат и настап на ЗЏМ Колектив – комбо ансамбл составен од изведувачи кои се членови на Здружението на џез-музичари и кои и се веќе добро познати на македонската џез-публика. На труба ќе биде Трајче Велков, алт саксофон – Кирил Кузманов, пијано – Гордан Спасовски, тапани – Гоце Стевковски и бас – Дарко Мучев.

Како специјални гости на овој концерт ќе се појават Џијан Емин на пијано и Ѓорѓи Шарески на гитара. Ќе биде изведена оригинална музика од членовите на ансамблот, информираат од Здружението на џез-музичари.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.