Чествување на поетот Трајан Мартиноски!

76

(Скопје, 19.02.2022)

Во паркот во Капиштец, со скромна и пригодна манифестација, денес беше чествуван денот кога е роден познатиот македонски поет и публицист Трајан Мартиноски.
Поетот Горан Анчевски, член на ДПМ, рецитираше свои посветени стихови, како и поезија од Мартиноски, а уметникот и хуманист Живко Поповски – Цветин црташе цветни цртежи, во присуство на шахистот Димитар Илиевски и почитувачи на делото на поетот.
Трајан Мартиноски е роден на 19 февруари 1951 година во село Нерези, Струшко. Починал на 4 мај 1999 година во Охрид. Завршил средно образование во Струга, а Филолошки факултет во Скопје. Член на ДПМ од 1989 година. Автор е на книгите “Премолчено време” (поезија, 1982), “Дулбија” (поезија, 1988), “Голтки” (поезија, 1990), “Христовиот син” (поезија, 1994), “Гробот на Чинго” (есеј, 1995), Говорот на цвеќето (есеј, 1995), “Писмото на сликата” (оглед за пејзажот на сликарот Јордан Манасиевски”, 1995),” Одговор на писмото” (есеј, 1996), “Петнаесет пеења за Карванот на цвеќето на мирот” (1998),” Брезово – биографија на каменот и цветот” (патопис, 1998), “Еригон петнаесет години потоа” (кон драмската претстава Еригон од Јордан Плевнеш, 1999),” Кон културното наследство” (Наум Целакоски, трудови, толкувања, приопштувања, 1999),” Златен венец на спомените” (сеќавања, 1999).

***

“Миг”

Отспротива скромно седеше
зборови- бисерчиња
во најдрагоцен ѓердан
мајсторски ги редеше
цветно венче даруваше.

Пред нас –
се издигна духовен џин
срцето искрено се израдува
видов вистински поет
музата на поезијата –
имала надарен и верен син.

(автор Горан Анчевски, во спомен на поетот Трајан Мартиноски, Декември 1998, на промоцијата на книгата “Златниот венец на спомените”)

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.