Делови од мозаикот наречен 40. издание на Фестивалот “Браќа Манаки“ во Битола

1387

Јубилејното издание на „Браќа Манаки“ беше отворено со доделување на Златна камера 300 на Едвард Лакман и „ Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на Љупчо Константинов. Битола цела недела е во знакот на оваа значајна манифестација во градот, иако со сета почит кон Браќата Манаки, во чие име 40 години се слави филмската камера и филмот воопшто, сепак не стивнуваат и негативните реакции од страна на битолските културни работници, зошто Фестивалот  најмалку припаѓа на Битола?

После, не така естетското отварање каде на црвениот килим (синтелон) пред Центарот за култура поминаа бројни странски и домашни филмски работници, режисери, кинематографери, членови на меѓународното жири како и  јавни личности и голем број битолчани, вљубеници во овој Фестивал, следуваат бројни содржини.

„Едно кадро за мене, едно за историјата“ било мотото на браќата Милтон и Јанаки Манаки, кои со својот немирен дух ја измениле Битола. Балканската филмска историја почнала токму овде, во Битола, градот со богата културна традиција, каде вечерва беше отворено јубилејното 40-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ и беа врачени наградите „Златна камера 300“ за животно дело на Едвард Лакман и „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ што ДФРМ му ја додели на композиторот Љупчо Константинов.

Целото време на одржување, се чуствува духот на  почит кон основоположниците на македонската современа организирана кинематографија, кои покажале храбра визија кога пред 40 години, во градот на првите сниматели на Балканот, почнале да ги организираат  тогашните „Манакиеви средби“ за пионерите, посветени вљубеници во филмот, како и генерациите по нив, и денешните млади филмаџии и менаџери, успеаја да се изборат за блескаво место на фестивалот „Браќа Манаки“ во мапата на огромниот број фестивали за филм во целиот свет. Тие успеаја да го привлечат, да го одржат и да го зголемуваат вниманието кон Битола, кон Македонија, кон филмот во регионот, на најврвните филмски професионалци меѓу кинематограферите чие творештво е дел од светската историја на филмот. Од името на ИМАГО, Меѓународната асоцијација на кинематограферите, присутните ги поздрави Најџел Волтерс.

По отварањето течат деновите на филмски проекции, мастер класи, работилници и с ешто треба да содржи еден веќе високо етаблиран Фестивал за филмската камера и филмот. Годинешното Фестивалско жири на  „Браќа Манаки“  ќе одлучува за добитниците на наградите Златна, Сребрена и Бронзена камера 300 а членови на  жирито се: Ед Лакман, Калојан Божилов, Доминик Велински, Фејми Даут и Ненад Дукиќ .

За впечатоците и досега погледнатите филмови, како и за критериумите на нивните за одлуки при изборот на трите најдобри остварување во главната конкуренција тие беа согласни дека не може да се издвојат сликите од содржината.Според членовите на комисијата ако нема добра соработка со актерите и режисерите, тогаш нема ниту финален резултат и рекоа дека ќе се обидат да дадат се од себе да го препознаат квалитетот на добрата слика во најдобрите филмови.

Слаѓан Пенев, селекторот на програмата „Европски перспективи“ ги претстави авторите од Филмскиот центар од Црна Гора, Иван Мариновиќ и Сехад Чекиќ. Оваа година има пет филма од Црна Гора на фестивалот. Тоа е земја во фокус. – Нашиот центар за филм поддржува филмска продукција, членови сме на Медиа деск и Еуроимаж. Има големи промени во последниве години, постигнавме многу. Имаме поголем буџет што е многу важно за Центарот, преговараме и да го зголемиме буџетот, започнавме со копродукција итн, рече Чекиќ.

Иван Мариновиќ е кинематографер на филмот „Игла под прагот“ и рече дека филмот е одлично примен и покрај предизвикот дека црниот хумор кој преовладува во филмот нема да биде целосно сфатен во странство, бидејќи е специфичен за овие простори.

Кинематограферот на филмот „Ним им е добро“, Силван Хилман од Швајцарија на  средбата со новинарите рече дека се приклучил една година пред да почне снимањето. -Режисерот сакаше да направи филм за Цирих, кој е градот во кој и двајцата живееме и на некој начин ова е портрет на градот. Идејата за статични кадри беше заедничка, имавме мал буџет, но најдовме перспектива која нема да биде воајеристичка, туку опсервирачка, рече Хилман. Еуроимаж одржа презентацијата на новите критериуми за членките на овој европски фонд за поддршка и развој на кинематографиите од континентот. Тие имаат 38 полноправни членки (без Велика Британија) и две придружни членки, Канада и Аргентина. Годишниот буџет на фондот е 25 милиони евра, кои се распределуваат како поддршка на филмските проекти низ 5 (пет) програми. Покрај редовните евалуации на активностите на Еуроимаж, во тек е генерална евалуација на овој фонд, од која ќе произлезат и новите критериуми.

„Како што знаете, Еуроимаж е наднационален фонд, креиран да ги поддржи копродукциите меѓу земјите-членки. Во таа смисла, ние сме многу среќни што и Македонија е членка на Еуроимаж и соработката постојано расте. Бројот на поддржаните филмски проекти од Македонија постојано расте и ние сме многу среќни што сме присутни на Фестивалот на филмската камера во Битола како негови соработници, а, се разбира, и да го одбележиме јубилејот“, вели Серџо Гарсија де Леаниз.

Де Леаниз на присутните продуценти, филмски автори и национални претставници им ги претстави чекорите за апликација во програмите на фондот, низ 4 (четири) конкурси годишно.

Во рамки на обемната програма и децата имаа можност да го погледнат филмот „Дива Вештерка“, пред учениците  од ОУ „Св. Климент Охридски“ и ОУ „Стив Наумов“.

Исто така, по проекцијата фестивалот Битолска Млекара и Игротеката „Чудесна земја„ организираа детска работилница „Нацртај го својот омилен цртан јунак“.

Со проекција на првите филмови на Балканот снимени од браќата Манаки, како први балкански кинематографери, почна програмата на Кинотеката на  Македонија на 40. ИФФК „Браќа Манаки“. Прикажаниот филмски материјал од браќата Манаки беше во траење од околу 50 минути.

Првата вечер беше прикажан и филмот „Полноќни танцувачи“ на неодамна починатиот автор Мето Петровски. Филмот бил снимен во 1981 година и бил прикажан на Манакиевите средби во 1981 год., кога денешниот фестивал „Браќа Манаки“ бил само три години стар. Следните денови во прекрасниот амбиент на „Магаза“ при Музеј и Завод – Битола  беа  прикажани филмови во продукција на „Вардар Филм“ и филмови од студентската програма.

Во текот на вториот ден, студентите имаат средба и разговор со Ед Лакман и Арто Халонен, а потоа следуваат проекциите на : „Додека паѓам“, „Кога доматите го сретнаа Вагнер“, „Отворена врата“, „Запирка“, „Другарот“, „Бебето“, „Последното кафе“, „Донка“, „Пепел“, „Невидливиот живот на Еуридисе Гусмао“, „Чудовишен господ“, „Куќа на другите“, „Македонска сага“, „Мрзливец“ и „Златна ракавица“.

Третиот  фестивалскиот ден на „Браќа Манаки“ помина во знакот на средбата со славниот режисер Фатих Акин и неговиот кинематографер Рајнер Клаусман. Пред специјалната проекција на неговиот најнов филм „Златна ракавица“, која се одржа синоќа во Центарот за култура во Битола, голем број негови обожаватели дојдоа да се поздрават и да се сликаат со својот омилен режисер. Тој пред проекцијата се заблагодари на фестивалот „Браќа Манаки“ за поканата и рече дека првите сцени се снимени во еден кадар. Тој особено беше воодушевен што и Едвард Лакман дојде на проекцијата, па му се обрати од сцената

-Мене ми е голема чест што филмот „Златна ракавица“ ќе биде прикажан на ИФФК „Браќа Манаки“. Ед Лакман е моја инспирација и би сакал да кажам дека вашата работа како филмски творец беше инспирација конкретно за овој филм бидејќи една од актерките од филмот „Paradise love“ ја избрав да глуми во овој филм. Има многу да се зборува за кадрите, снимањето, времетраењето на снимањето, но гледајте на него како на студентски филм и уште повеќе како на спорт, рече Акин.

Од програмата „Европски перспективи“, селекторот Слаѓан Пенев ја претстави екипата од филмот „Отворена врата“: Севдије Кастрати, Влатко Стојчевски и Феми Даут. Филмот е копродукција меѓу Македонија, Албанија, Косово и Италија и го прикажува животот во традиционалното општество во овој регион, кој се’ уште живее со навики кои не им даваат глас на жените, но сега тоа се менува.

-Аплициравме три пати во Македонската агенција за филм  и три пати бевме одбиени за финансиска поддршка, но албанскиот продуцент имаше потреба од земја која ќе биде достапна преку „Еуроимаж“, бидејќи Косово не можеше да аплицира, па ме замоли ако може да се приклучам. Оттаму ја добивме поддршката за реализација на филмот, помогнавме да се обезбеди финансирањето, а дел од буџетот кој го добивме го искористивме за да ги поддржиме македонските соработници Феми Даут, Висар Вишка и звукот беше изработен од македонски соработници на Игор Поповски и Ален Пејовски изработи музичко парче за крајот на филмот. Досега сме работеле копродукција со Хрватска-еден музички документарец кој наскоро ќе биде прикажан, раскажа Стојчевски, кој е продуцент

на филмот.Феми Даут се задржа на искуството од снимањето на филмот „Отворена врата“.

– Во филмот има многу кадри снимени во автомобил, на фрекфентни улици, имаше интересни случки со малото дете кое глуми во филмот, па честопати имаше и незгоди, но целата екипа беше како едно големо семејство, рече Даут.

Кинематографер на филмот е Севдије Кастрати, која веќе 10 години живее во Лос Анџелес. Таа втор пат е на ИФФК „Браќа Манаки“, минатата година учествуваше со косовскиот филм „Брак“ и рече дека „местото на кое е сниман филмот-на брегот на Охридското езеро од албанската страна е многу убав, прекрасен предел, каде не би требало да се случуваат лоши работи, но реалноста е поинаква“.

Претставник на фимот „Додека паѓам“ беше кинематограферот Ивар Таим, кој истакна дека „иако  досега сме виделе многу филмови кои говорат за зависност од дрога“ овој филм, за него, бил посебен.

-Статистички кога зборуваме за зависници мислиме на наркоманите кои лежат во темни места. И тоа се 5%, но 95% се луѓе кои функционираат и одат на работа. А во Норвешка има најмногу случаи на предозираност од хероин во Европа. Тоа е лична приказна на режисерот кој поминал период на зависност и сакаше да ја сподели и да покаже дека може да се помогне додека не сте преминале на инјектирање хероин, рече Таим.

Марија Апчевска, ја претстави кинематограферката Констанца Сандовал, која пристигна на фестивалот од Аргентина, а која работела на краткиот филм „Чудовишен господ“.

-Ова трета соработка со Августина, режисерката на филмот „Чудовишен господ“. Филмот се доближува до интимни теми, како загуба, помагање…Тој е истражување на значењето на Бог, но снимен на посебен начин. Покажавме чудна атмосфера на фимот и уживавме во тоа, истражувавме во аглите на снимање, длабочината итн., рече Сандовал.

До крајот на денот ќе бидат прикажани: „За сама“, „Керол“, во чест на Едвард Лакман, потоа  „Вера“, „Свиркачите“, „Новиот живот“, „Бел, бел ден“, „Куќата на Ага“, „Тетовирање“, „Состаноци на слепо“, како и филмовите од програмата „Мак поинт“ и  Студентската програма.

Се бараше место повеќе за синоќешната проекција на „Медена земја“, во рамки на програмата на фестивалот „Браќа Манаки“. Салата на Центарот за култура беше преполна и речиси немаше место за сите битолчани што дојдоа да го видат македонскиот кандидат за Оскар. Продуцентот Атанас Георгиев и кинематограферите Фејми Даут и Самир Љума беа поздравени со громогласен аплауз, а потоа одговараа на прашања од публиката.

Речиси во исто време, во Битола пристигна вториот добитник на Златна камера 300 за животно дело, Јоргос Арванитис, кој денеска одржа мастер-класа: „Кога си млад и ентузијаст ги преземаш ризиците“, порача мајсторот на европската кинематографија.

Грчкиот кинематографер со култен статус во Европа и светот, и со близу 150 наслови во неговата кариера ужива посебен статус на своевиден родоначалник на арт-филмот во Грција и Европа.

Арванитис е роден во едно грчко село во 1941 година, во мрачните денови на Втората светска војна. По разурнувањата во војната неговото семејство се преселило кај роднини коишто имале млекара, па Јоргос како петгодишно дете наутро разнесувал млеко, а попладне одел на училиште. Школувањето го продолжил учејќи за електричар, а првпат отишол в кино на 15годишна возраст.

Првиот контакт со професионалниот филм му било кога во соседството се снимал некој филм, па Јоргос го замолил кино-операторот  од локалното кино да му помогне да работи нешто на сетот. Најмногу бил фасциниран од камерата, и вели дека за тогашните деца камерманите биле вистински богови.

-Најдов една црно-бела трака, и со помош на две светла го снимив мојот прв филм. Филмот го прикажав во киното и добив понуда да бидам асистент на камера. Следните пет години бев асистент на камера, Арванитис се присети на неговата младешка фасцинација со филмот.

На млада возраст го снимил неговиот прв филм како снимател, а иако не одел во филмско школо, го почитувал советот на постариот камерман да гледа и да памети сè на снимањата, бидејќи само така можел да стекне поголеми знаења.

Пресврт во неговиот живот било кога го сретнал неколку години постариот Тео Ангелопулос, кој во почетокот на 60-те години се вратил од Франција. Модераторот Масимо Леки забележа  дека е необичен спојот на Ангелопулос, кој бил марксистички настроен филмски критичар, и самоукиот кинематографер Арванитис, кој научил сè за камерата снимајќи филмови.

-Заедно со пријателите снимавме некои кратки филмови, помагајќи си еден на друг. Еден ден дојде Ангелопулос со негово сценарио. Го прочитав и сфатив дека во него лежи филм. По 33 дена и со четворица актери, од кои само еден беше професионален, го завршивме филмот, раскажува Арванитис.

Арванитис потенцираше дека во пионерските денови на неговата кариера бил голем ентузијаст и ги преземал ризиците. Леки, пак, примети дека уште во првите заеднички дела на Арванитис и Ангелопулос се гледаат пејзажите од Грција коишто ќе бидат доминантни во целиот опус на Ангелопулос.

Имав проблем со Ангелопулос бидејќи тој во неговите филмови постојано ја избираше истата локација – Воден (Лерин), вели Арванитис. Пресвртна точка во интернационализирање на нивните кариери е филмот „Пејзажи во магла“ од 1980 година, а нивниот последен заеднички филм е „Вечност и еден ден“ од 1998 година. Тој филм беше овенчан со „Златна палма“ во Кан.

Веќе вториот заеднички филм „Деновите од 1936“ е снимен во колор. Во тој период Арванитис бил вработен во едно филмско студио, а секој ден во попладневните и вечерните часови работел со Ангелопулос. Од филтрите кои „отпаѓале“ заради неадекватната боја во процесот на снимање на филмови во студиото со Ангелопулос го снимиле нивниот втор филм. Кога требало да снима комедија, Арванитис си дал отказ и ја продолжил кариерата како freelancer. Останатото е подобриот дел на историјата на грчкиот и европскиот филм од 60-те години до денес.

Во тој период со Грција владеела воената хунта, па Арванитис раскажуваше анегдотски случки како ја избегнувале цензурата за левичарските арт-филмови што ги снимале со Ангелопулос.

Раскажувајќи за неговото професорско искуство на филмската академија „Фемис“ во Париз, Арванитис потенцираше дека може да се направи добра сцена со малку светло и многу организација.

Тоа е и неговото кредо. Арванитис потсети на значењето на зборот фотографија, кој значи пишување со светлина.

Доминик Велински, дистрибутерка-продуцентка од Франција и годинашен член на жирито во главна компетиција на ИФФК „Браќа Манаки“ и македонската режисерка Елеонора Венинова денеска споделија искуства од реализацијата на проектот ЈИЕ ФАБРИКА, кој вчера беше прикажан во рамките на програмата Европски перспективи.-Станува збор за еден филмски омнибус наречен ЈИЕ ФАБРИКА, кој на сараевскиот филмски фестивал беше прикажан под насловот „Сараево, љубов моја“ и продолживме да го користиме тој наслов. Тоа се 5 филма од 10 режисери, секој филм е направен во тандем на режисер од Југоисточна Европа и режисери од други држави од Европа, објасни Слаѓан Пенев, селектор на програмата „Европски перспективи“.

И членовите на Американската Академија за филм бараат од медот…

Проекцијата на македонскиот кандидат за Оскар, „Медена земја“ предизвика огромно интересирање кај публиката, но и денеска кај новинарите. Кинематограферите Фејми Даут и Самир Љума, како и продуцентот и монтажер Атанас Георгиев открија интересни моменти од снимањето на филмот.

Седум дена 40. издание Фестивал нафилмска камера „Браќа Манаки“ во Битола со богати содржини и програма за сите генерации и вкусови. Пред утрешното затворање кога ќе се заокружи еден многу долг и значаен период на раст и опстојување на овој Фестивал.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.