Денот на македонската азбука одбележан во Небрегово, родната куќа на Блаже Конески

1373

 

Молитва

Блаже Конески

Спаси ме Боже, од болните луѓе
што се накажани,
та не се криви,
нивната злоба умерено суди ја,
самите од неа одвај се живи.

Тие се мислаи и повикани да водат
како Мојсија и другите пророци,
а самите не можат да се ослободат
и влечат по себе ситни пороци.

Дај Господе, што помалку очите да
им ги бодам,
штом тие лево ќе фатат,
јас десно да одам.

Во спомен домот во Небрегово, во родната куќа на таткото на македонскиот стандарден јазик и на граматиката Блаже Конески, денеска напладне ќе биде одбележан Денот на македонската азбука.

Воедно, ќе биде промовирана книга на професор д-р Људмил Спасов и ќе се поделат плакети за сите кои овозможија Спомен домот на Блаже Конески да се претвори во Споменик на културата.

За творецот на македонската азбука , за писателот, литератот, човекот кој преку стихови ја опеа историјата на македонскиот народ ,ги кажа најтешките но вистински стихови , било што да се каже е малку .

Блаже Конески (19 декември 1921 – 7 декември 1993 ). Роден e во село Небрегово, каде живеел до својата осма година, кога целото негово семејство се преселило во Прилеп, каде ги завршува основното училиште и нижата гимназија. Виши класови гимназија учи во Крагуевац, додека студиите по славистика ги започнува во Белград, а ги завршува 1944 година во Софија.

Конески е истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Тој истовремено е и поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Конески учествува во составувањето на првиот македонски правопис, ја напишал Граматиката на македонскиот јазик и еден е од составувачите и главен редактор на тритомниот Речник на македонскиот јазик.

Творештвото на Конески е богато и опфаќа голем број прозни, поетски, есеистички и други дела. Добитник е на голем број награди и признанија, меѓу кои и наградите „11.Октомври“, „Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов“, „13.Ноември“, „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, Његошевата награда, Рациновото признание, наградата на АВНОЈ и сл.

Блаже Конески почина на 7 декември 1993 година во Скопје. Во негова чест, Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, го носи неговото име.

 

Лажни пророци

Ќе дојде време на лажни пророци
што божем во мое име
ќе ве збираат по плоштадите,
ќе креваат врева до небеси,
ќе се бувтаат во градите.
Немојте да им верувате!
Тие мислат само на себеси.
Бес ги распина внатре
душите да ви ги затре.
Тие варосани гробови!
Не да им станете робови!

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.